Дизелот повторно пред поскапување? РКЕ денес ги објавува новите цени

Иако цената на суровата нафта последните денови паѓа, високите берзански цени на рафинираниот дизел може да донесат ново поскапување во Македонија.

Дизелот повторно може да поскапи во Македонија. Регулаторната комисија за енергетика денес треба да ги објави новите максимални цени на горивата, а берзанските движења оставаат простор за нов раст од неколку денари за литар. Причината е што при пресметката не се зема предвид само цената на суровата нафта. Регулаторната комисија го користи и петдневниот просек на цената на рафинираниот дизел на медитеранскиот пазар.

Токму дизелот на европските берзи во првите денови од неделата достигна исклучително високи нивоа, поради нарушувањата во снабдувањето од Блискиот Исток и намалените резерви. Иако во последните два дена има пад, високите цени од почетокот на неделата сè уште влегуваат во просекот што се користи за пресметката. Во меѓувреме, цената на суровата нафта паѓа трет ден по ред. Брентот, кој неодамна надмина 108 долари за барел, се спушти кон 103 долари.

Сепак, тоа не значи автоматски и поевтин дизел на бензинските пумпи. Ако до крајот на денешното тргување нема позначителен пад на берзанската цена на рафинираниот дизел, според актуелните движења можно е ново поскапување.

Конечната одлука ќе зависи и од курсот на доларот и од денешното затворање на берзите.

Дизелот во моментов се продава по максимална цена од 99 денари за литар. Владините мерки го ублажуваат растот на цената – ДДВ-то за дизелот е намалено на 10 проценти, а акцизата за четири денари по литар. Кај бензините, според актуелните берзански движења, притисокот е помал и не се очекува поскапување од размерот што е можен кај дизелот.

Новите максимални цени РКЕ треба да ги соопшти денес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс