Зајаци го „окупираа“ Тренто, градските власти сега ги делат на пензионерите

Градската управа ќе дислоцира над стотина животни што оштетуваат споменици на историските гробишта и ќе ги пренасочи во зеленилото на социјалните домови.

Градските власти во северноиталијанскиот град Тренто одлучија хумано да го решат проблемот со прекумерниот број диви зајаци на историските градски гробишта, преселувајќи ги во дворовите на локалните домови за стари лица. Наместо вообичаениот радикален отстрел што често го применуваат европските комунални служби, животните ќе служат како еколошка и психолошка поддршка за повозрасните граѓани.

Историските гробишта во Тренто, комплекс стар речиси два века, со месеци беа цел на над стотина диви зајаци. Семејствата постојано пријавуваа дека животните го уништуваат засаденото цвеќе, но поголем комунален проблем настана кога длабоките тунели и дупки почнаа физички да ги поткопуваат темелите на старите надгробни плочи. Регионалните власти затоа донесоа уредба за нивно итно дислоцирање пред крајот на октомври, со поставување специјални заштитни мрежи во текот на ноќта за животните да се заловат без повреди.

Според планот на градската управа, уловените зајаци изутрината директно ги преземаат службите за јавно здравство. Официјалните ветеринарни лица утврдуваат здравствена состојба на секоја единка: еден дел се враќа во диви природни живеалишта надвор од урбаната зона, додека здравите припитомени единки одат во градините на старските домови и во оградените паркови со кои управуваат локални невладини организации. На тој начин, животните добиваат заштитен простор, а повозрасните лица постојан контакт со природата и миленици за кои можат да се грижат.


Колонијата околу гробиштата брои уште неколку стотици единки на поширокото подрачје, па градот најави дополнителни консултации со соседните заедници за целосно затворање на проблемот. Овој модел на Тренто отвора сериозна споредба со македонските општини, каде што присуството на животни во јавните простори, од улични кучиња до урбани штетници, речиси редовно се третира со стихијност, неефикасни тендери за заловување или агресивен отстрел. Наместо уништување или институционална рамнодушност, италијанскиот пример покажува дека пренамената на урбаниот биодиверзитет во општествено корисна социјална терапија бара само функционална координација меѓу комуналните служби, здравството и граѓанскиот сектор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс