Култниот струшки писател и сликар Димитрие Дурацовски повторно се претстави пред скопската публика со промоцијата на својот нов роман „Понекогаш се враќаат“, одржана на 9 јуни во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. Делото е негов втор роман во последните две години, по „Околу три по полноќ“.

Романот, како што беше истакнато на промоцијата, претставува длабоко интимно и емотивно патување низ сеќавањата и осаменоста, каде што минатото и сегашноста постојано се преплетуваат. Авторот нагласи дека не сака да го толкува сопственото дело, оставајќи им на читателите да го доживеат на свој начин.

„Понекогаш се враќаат“ беше претставен од промоторката Ангелина Бановиќ-Марковска, уредничката Оливера Ќорвезироска и авторот Ненад Јолдески, додека извадоци читаа и интерпретираа повеќе учесници. Делото беше опишано како роман за сеќавањето, за една куќа низ која минуваат животи и приказни, како и за Струга како симболичен простор на носталгија и тишина.
Според Ќорвезироска, романот се издвојува и по својата специфична структура, со два завршетоци – еден во самата книга и еден на задната корица. Делото ја пренесува препознатливата визуелна чувствителност на авторот во чисто книжевен израз, создавајќи текст што функционира како „невидлив албум од сеќавања“.
Бановиќ-Марковска го опиша романот како „поетика на сеќавањето“, каде што вистината не се мери со факти, туку со силата на препознавањето и емотивното доживување. Таа истакна дека, иако делото е длабоко лично, треба да се чита како фикција која ја истражува човечката меморија и нејзините сенки.
Дурацовски во својата порака до читателите нагласи дека романот е обид за лична и уметничка саморефлексија, со цел ослободување од внатрешните искушенија и ранливости.
Димитрие Дурацовски (1952) е еден од најзначајните современи македонски автори и сликари, познат по својата постмодернистичка естетика и спој на литература и визуелна уметност. Автор е на повеќе култни збирки и романи, меѓу кои „Insomnia“ и „Бледи сенки, далечни гласови“, и е добитник на повеќе значајни награди, вклучително и „11 Октомври“ за животно дело.
Романот „Понекогаш се враќаат“ е достапен во сите поголеми книжарници и онлајн преку literatura.mk.