Учениците од прво до трето одделение на крајот од оваа учебна година првпат ќе добијат дигитални свидетелства, покрај хартиените документи, соопшти Министерството за образование и наука.
Новината ќе почне да се воведува етапно од јуни, а целта е училиштата, учениците и семејствата да имаат побрз и поедноставен пристап до свидетелствата.
Според МОН, дигиталните свидетелства ќе имаат иста важност како и хартиените. Хартиените документи нема веднаш да се укинат, туку постепено ќе се заменуваат, додека училиштата ќе добијат поефикасен административен процес и трајна електронска архива.
Процесот се реализира со поддршка од „Македонски Телеком“, кој донирал електронски потписи за сите 368 основни училишта во земјава. Со тоа треба да се овозможи побрзо и поедноставно издавање на дигиталните документи.
Од Министерството наведуваат дека секое дигитално свидетелство ќе остане во електронска архива. Доколку ученикот или семејството побараат, училиштето ќе може да го отпечати документот.
Во следните години, дигиталните свидетелства постепено ќе се воведуваат и за учениците од повисоките одделенија.