Општините ќе ги прашуваат жителите преку телефон: мЗаедница активираше дигитални анкети

Платформата воведува јавни консултации за локални политики во 11 општини, со цел граѓаните директно да влијаат врз одлуките на власта.

Дигиталната платформа мЗаедница воведе нова функционалност за јавни анкети и консултации, овозможувајќи им на жителите преку мобилен телефон или компјутер директно да гласаат и да предлагаат решенија за општинските политики. Оваа алатка веќе функционира во Карпош, Аеродром, Струга, Неготино, Демир Хисар и уште шест други општини низ земјата, со цел да се надмине ниската граѓанска вклученост во одлучувањето.

Новата опција им дава простор на општинските власти брзо да отвораат прашалници за прашања од јавен интерес. Граѓаните повеќе не мора да одат на физички трибини за да го кажат својот став. Преку апликацијата, секој жител може со неколку клика да гласа за понудените иницијативи, да коментира и да испраќа сопствени предлози до локалната администрација.

Системот работи двонасочно. Локалната власт добива директен увид во приоритетите на заедницата пред да гласа буџети или урбанистички планови.

Апликацијата мЗаедница моментно работи во единаесет локални самоуправи: Карпош, Аеродром, Крива Паланка, Македонска Каменица, Кочани, Штип, Валандово, Гостивар, Струга, Неготино и Демир Хисар.

Проширувањето на системот во Струга, Неготино и Демир Хисар е дел од проектот „ДИГИЛОК“. Овој проект го спроведува Центарот за социјални иновации Блинк 42-21 заедно со Фондацијата Метаморфозис и Рурална коалиција, финансиран од програмата Цивика мобилитас и Владата на Швајцарија. Фокусот на проектот е користење дигитални алатки за поголема отпорност на корупција и повисока отчетност на локалните власти.

Според податоците од домашните и меѓународните анализи за локално владеење, граѓанското учество во консултативните процеси во Македонија со години стои на критично ниско ниво. Јавните расправи често остануваат невидливи за поголемиот дел од јавноста.

Податоците од „Индексот на отвореност на локалната самоуправа“ покажуваат дека токму општините што ја користат платформата мЗаедница котираат меѓу најтранспарентните во државата.

„мЗаедница е создадена со цел да им помогне на општините да воспостават поотворена, транспарентна и двонасочна комуникација со граѓаните. Преку дигиталните консултации, сакаме учеството да биде поедноставно и подостапно, а граѓаните да имаат реална можност да го споделат своето мислење за одлуките што влијаат врз нивното секојдневие“, соопштија од Центарот за социјални иновации Блинк 42-21.

Апликацијата е бесплатна и достапна за преземање на Android и iOS уреди, како и преку веб-страницата mzaednica.mk.

е-Трн да боцка во твојот инбокс