Развојот на вештачката интелигенција (АИ) бара сè поголеми количини на електрична енергија, поради што Европската Унија е принудена итно да ги менува сопствените регулативи. Како што пренесува угледниот „Financial Times“, Европската комисија има намера да им попушти на притисоците од големите технолошки компании и да ги ублажи строгите правила за одржливост на податочните центри, кои самата ги предложи претходно. Ова вклучува олабавување на условите за користење на сертификатите за обновлива енергија.
Податочните центри се столбот на вештачката интелигенција, бидејќи во нив се сместени моќни специјализирани процесори кои ги тренираат големите јазични модели (како ChatGPT) и секојдневно обработуваат милиони кориснички прашања. За разлика од класичните интернет услуги, генеративната вештачка интелигенција бара незамисливо поголема компјутерска моќ, што предизвикува експлозивен раст на потрошувачката на струја.
Првичниот нацрт на ЕУ предвидуваше податочните центри да можат да ги надоместат своите емисии на штетни гасови само доколку инвестираат во локални, нови проекти за чиста енергија кои работат во исто време и на исто место со самите центри. Целта беше јасна – да се натераат ИТ гигантите навистина да градат нови извори на соларна или ветерна енергија, наместо само фиктивно да купуваат постоечки зелени сертификати. Сепак, корпорациите како Amazon Web Services и Microsoft жестоко се спротивставија, тврдејќи дека тоа драстично ќе ги зголеми трошоците и ќе ги избрка инвестициите надвор од Европа.
Новиот нацрт-документ целосно им излегува во пресрет на технолошките гиганти. Според новите правила, во игра влегуваат и сертификатите за нуклеарна енергија (што е огромен плус за земји како Франција). Тоа значи дека еден податочен центар во Германија може ноќе да троши „нечиста“ струја од јаглен или гас, а фиктивно да тврди дека е еколошки одржлив користејќи сертификати за соларна енергија произведена преку ден во Шпанија. Еколошките здруженија веќе алармираат дека ваквото попуштање ќе ја зголеми зависноста на ЕУ од увозен гас, ќе ги покачи цените на струјата за граѓаните и сериозно ќе ја загрози енергетската безбедност.
Бројките на Меѓународната агенција за енергија се немилосрдни: податочните центри во ЕУ потрошиле околу 70 TWh струја, а до 2030 година таа бројка ќе скокне на 115 TWh, што е пораст за речиси две третини и е еднакво на годишната потрошувачка на цела Холандија. Во Велика Британија, овие центри веќе голтаат речиси 6% од вкупната струја. Од „Greenpeace“ предупредуваат дека неконтролираниот бум на АИ може да стане „нова сламка спас за фосилните горива“ и бараат итна транспарентност за енормната потрошувачка на струја и вода. И додека Европа се обидува да го намали огромниот заostatок зад САД, нејзината постоечка електроенергетска мрежа веќе одвај ги издржува секојдневните оптоварувања, ставајќи ги под знак прашање европските климатски амбиции.