Крушево викендов е домаќин на јубилејниот 10. Меѓународен ФИС Ролерски куп „Тоше Проески“, што се одржува на 22 и 23 август во организација на Скијачката федерација на Македонија. Натпреварувачката програма стартува со свечено отворање пред спомен-куќата на Тоше Проески, по што следуваат дводневни трки во повеќе машки, женски и детски возрасни категории.
Натпреварите на крушевскиот асфалт опфаќаат неколку должини и формати, прилагодени според меѓународните стандарди на ФИС.
Во машка конкуренција ќе се возат трки на 7,5 и 10 километри. Натпреварувачките во женска категорија ќе ги одмерат силите на патеките од 5 и 7,5 километри. За помладите генерации се предвидени трки во четири детски возрасни групи: У8, У10, У12 и У14.
Официјалниот натпреварувачки викенд завршува в недела, на 23 август. Свечената церемонија на затворање на купот и доделувањето на признанијата и медалите за најдобрите ќе се одржи на Градскиот плоштад во Крушево.
Логистичката реализација на патеките е доверена на клубовите Скии Рис и Ски Нордиски како технички организатори. Манифестацијата се реализира со поддршка од Министерството за спорт, Општина Крушево, УНИБанка и Меѓународната скијачка федерација (ФИС).