Книгите, разговорите и младата публика вчера беа во фокусот на одбележувањето на Денот на Европа во Јуроп хаус Тетово, каде под мотото „Уживај ја Европа со книга“ се одржа целодневен културен настан посветен на литературата, читањето и меѓукултурниот дијалог.

Програмата обедини саем на книги, детска работилница, панел-дискусија и музичка програма, со цел да ја доближи литературата до различни генерации и да ја истакне нејзината улога во градењето заедништво, разбирање и инклузија. Посетителите имаа можност да разгледаат изданија од осум издавачки куќи, да учествуваат во активности за деца и да проследат разговори за читачките навики кај младите.

Во рамки на настанот се одржа и двојазична детска работилница за читање на македонски и албански јазик, реализирана во соработка со „Мама (Ми) Чита“ и Саранда Мехмеди. Работилницата беше осмислена како интерактивен простор во кој книгата се претвора во игра, разговор и заедничко откривање.
Централен дел од програмата беше панел-дискусијата на која учествуваа Саранда Мехмеди, Ксенија Николова, Вјолца Бериша и Коста Петров, со модераторство на Флора Шабани. Разговорот беше фокусиран на читачката култура кај младите, литературата како алатка за меѓукултурно разбирање и предизвиците со кои се соочуваат младите читатели во дигиталната ера.
Саранда Мехмеди истакна дека пишувањето започнува со разбирањето на сопственото искуство и личниот внатрешен свет.
„Кога ќе се разбереш себеси, многу полесно е да пишуваш“, порача Мехмеди, зборувајќи за литературата како процес на лична смисла и самоспознавање.
Вјолца Бериша предупреди дека кризата со читањето не е само последица на технологијата, туку и на начинот на кој книгите им се приближуваат на децата и младите.
„Училишните и родителските препораки треба да бидат поблиски до нивните интереси и желби“, истакна Бериша.
Ксенија Николова нагласи дека младите и понатаму читаат, но на поинаков начин од претходните генерации.
„Најважно е книгата да стигне до читателот, без разлика преку кој канал“, рече Николова, осврнувајќи се на промените што ги носи дигиталната технологија.
Коста Петров, пак, зборуваше за пишувањето како личен процес на враќање кон сопствените искуства и емоции.
„Секој хаос има рок на траење“, истакна Петров, објаснувајќи дека токму пишувањето му помага подобро да ги разбере животните ситуации низ кои поминувал.
На настанот присуствуваше и амбасадорот на Чешката Република во Северна Македонија, Јарослав Лудва, со што дополнително беше испратена пораката дека европските вредности можат да се градат и преку културата, литературата и јазиците.
Во книжниот дел од програмата учествуваа издавачките куќи Нобел, Албас, Или-Или, Сакам Книги, Резна, Полица, Бед Уолф и Сифт, а Јуроп хаус Тетово беше претворен во отворен простор за читатели, ученици, студенти и љубители на литературата.
Настанот заврши со диџеј-сет и неформално дружење, во духот на пораката дека културата и книгите остануваат едни од најсилните начини за поврзување меѓу луѓето и за градење европски вредности преку знаење, дијалог и заедништво.