Search

Денешното општество само навидум ги охрабрува жените лидерки и промовира еднаквост

Програмата за лидерство за жени со влијание (WILP) е напредна програма за зајакнување на лидерските капацитети. Програмата е наменета за жени коишто имаат мисија да креираат промени во општеството и кои доаѓаат од непрофитните и јавните услужни сектори, како и од академската заедница во Северна Македонија.

Програмата WILP овозможува сигурна и безбедна средина во која на жените лидерки им е обезбедена поддршка слободно да размислуваат за своето лидерско патување, како и да добијат практични алатки што им се потребни за да напредуваат во кариерата и животот без да ја загрозат својата добросостојба. Поразговаравме со двете организаторки на оваа програма, Ирена Јакимова и Викторија Јордановска околу целите, селекцијата на кандидатките, содржината на оваа повеќе од потребна програма кај нас.

Трн: Која беше главната цел на Програмата за развивање на женско лидерство?

Поведени од нашите искуства и сознанија, сакавме да направиме лидерска програма по најсовремени  светски методи, којашто ќе биде достапна за жени лидерки од непрофитните сектори, како што се: државните институции, невладини и граѓански организации и академскиот сектор. Целта ни беше да креираме ваква пилот програма за група од околу 12-15 учеснички, нив да ги зајакнеме, да ги поддржиме во вмрежување и креирање нови познанства и соработки кои придонесуваат кон подобрување на општеството, како и да ги зајакнеме капацитетите на нашите фирми. Сите тие учеснички понатаму ќе дејствуваат во своите сфери и окружувања. Сите цели ги остваривме.

Ирена Јакимова

Трн: Како ги избравте кандидатките за учество?

На објавените повици, промотивни настани и нашите активности за информирање, ние ја презентиравме програмата, целите, структурата и намената. Имавме околу 100 пријавени кандидатки! Селекцијата ја вршевме на неколку нивоа, темелно, и со намера да имаме група со разновидна застапеност. Повеќе карактеристики беа земени предвид, од областите во коишто учесничките дејствуваат, видот на организација од каде што доаѓаат, возраст, националност, претходно лидерско искуство, религија, до регион, ако е можно. Поради изборите што се наближуваа, забележавме дека одредена бројка жени од политиката или од државни институции не можеа да ни се придружат поради зголемен и непредвиден обем на активности.

Викторија Јордановска

Трн: Колку кандидатки беа дел од Програмата?

Избравме 18 кандидатки и не беше лесно за сите нас од комисијата. Имаше голем интерес и голем број квалитетни пријави.

Дизајниравме и спроведовме програма што се состоеше од 6 онлајн работилници и 3.5 дена обука во живо, во Охрид. Програмата комбинира интерактивни работилници на коишто се опфатени различни теми кои им помагаат на лидерките да ги зајакнат своите капацитети, меѓу кои: внатрешна структура на размислување, верувања и одлучување, конгруентно лидерство, техники за зајакнување на личното лидерство и самодоверба, лична продуктивност, влијателна комуникација и јавно говорење, стратешко размислување, справување со сложено окружување и грижа за себе.

Им организиравме и бонус сесија со кариерни советнички, а ќе добијат и индивидуални менторски сесии. Покрај формалниот дел од програмата, имавме и неколку активности на дружење, запознавање, информирање. На сите такви настани беа канети сите што беа пријавени и некои од нив доаѓаа, без разлика дали биле избрани овој пат или не. Тоа многу ни значеше и ја покажа нивната лидерска природа. Жените ни потврдија дека им треба запознавање, дружење, обука и поддршка во нивните идеи и потфати.

Трн: Чија беше иницијативата за започнување на овој проект?

Ние двете се знаеме многу одамна, сме поминале и заедно делови од нашата професионална едукација и личен развој, а соработуваме веќе некое време на разни обуки, со различни клиенти. Имавме желби и обиди (започнување) да креираме проект и да конкурираме, но, дури со запознавањето на нашите партнерки од Чешка и од Германија, коцките се склопија и за овој проект добивме поддршка од ЕУ. Тоа се случи преку програмата Еразмус +, поддржани сме од Националната Агенција за мобилност. Ова е наш прв проект.

Трн: Дали вие на своја кожа сте почувствувале родова нееднаквост, па оттаму се инспириравте за реализација на ваков проект ?

Секоја од нас почувствувала родова нееднаквост на своја кожа, светот во кој што живееме е таков. Денешното општество само навидум ги охрабрува жените лидерки и промовира еднаквост. Имаме увиди и сознанија од голем број истражувања што ја покажуваат огромната нееднаквост, особено во секторите во кои учесничките делуваат.

Исто така, голем број истражувања ги покажуваат придобивките во организациите кои имаат родов паритет. Жени лидерки ни се потребни и нивното лидерство треба да се охрабри.

Ние двете, на различни начини се обучувавме и веќе некое време работиме со јакнење на жените преку лидерски програми и индивидуални сесии, а исто така и нашите партнерки, др. Бланка Белак од Leadership Associates, Чешка и Ангелика Похницер од ИФИС, Германија. И овие две фирми се специјализирани во работата со лидери, особено жени и имаат искуство со слична програма.

Трн: Како помина проектот и какви беа реакциите од учесничките?

Проектот помина одлично! Сите бевме презадоволни, се креираше една група, една заедница, и се иницираа нови соработки. Учесничките се интервјуираат меѓу себе, си помагаат, се групираат околу нови идеи, и една учесничка доби престижна стипендија за во странство.

Реакциите од учесничките за програмата можете да ги погледнете преку нивните изјави, кои моментално ги емитуваме на профилите на проектот на социјалните мрежи. И ова е еден продукт од нивното зајакнување и видливост.

Трн: Како го оценувате успехот на овој проект? Дали ги постигнавте и надминавте поставените цели?

Целите ги постигнавме и надминавме, затоа што реализиравме се’ што испланиравме и повеќе. Затоа што имаше извонредна енергија, и затоа што големиот интерес ни ја потврди потребата од вакви програми, но, тие да бидат квалитетни.

Трн: Кои беа обучувачите во целиот процес и какво искуство донесоа тие?

Ирена Јакимова и Викторија Јордановска, т.е. ние, потоа и Бланка Белак, а сите заедно со колешката Ангелика Похницер – бевме координаторки на проектот. Сите имаме огромно искуство, меѓународно, и такви едукации. Се трудевме и во целиот проектен тим да бидат жени (дизајнерка, фотографка, асистентки, правна советничка, преведувачка, имавме само 3 мажи ☺), да купуваме материјали и подароци за учесничките од жени или самохрани мајки, и како поддршка за жени занаетчии. Сакавме целиот проект да биде поддршка на жената и нејзиното лидерство во секоја сфера – жени за жени.

Трн: Какви се плановите за иднината на овој проект? Ќе се повторува ли и како може да се приклучат нови кандидатки?

Заедницата на оваа група учеснички ќе се одржува и поддржува. Работиме на нови идеи и проекти во оваа област (зашто тоа ни е специјалноста и силната страна), а подговуваме и отворена, комерцијална група, за да може секоја жена што сака да се пријави. Се подготвуваме и за регионални групи и интервенции.

Марија Магдалена Петковска Миакровска, фото: Томислав Георгиев

Марија Магдалена Петковска – Микаровска, професорка по англиски јазик,  е една од учесничките на проектот за развивање женско лидерство. „Се пријавив на лидерската програма за жени, најмногу поради довербата во стручноста, експертизата и знаењето на менторките, кое што го оправдаа 100%-но, и следно заради тоа што сметав дека тука можам да ги научам вештините за кои што одамна имав сфатено дека ми недостигаат, меѓутоа никогаш не беа во мојата приоритетна листа за учење“, вели таа за Трн.

Таа понатаму обајснува дека она што го добила од оваа програма е запознавање со жени лидерки со коишто имала вредни и моќни дискусии, од коишто би произлегле  големи резултати во иднина,  како и вредностите на коишто работеле, техниките, моќните техники на комуникација коишто ги развивале и исто така запознавањето за прв пат со НЛП нов код техниката.

Марија потенцира: „Дефинитивно откривањето на личните вредности преку што разбрав која клучна улога ја играат во обликувањето на нашите животи давајќи ни цел и насока.Со нив определуваме што е важно за нас, правилно и погрешно, и баш тие вредности (за секого различни) влијаат на нашите приоритети, цели и избори. Една од менторките кажа дека тие се тие несвесни филтри кои делуваат како компас кој ни помага да останеме на вистинскиот пат и да се фокусираме на најважните работи во нашите животи. Со тоа, ако не си ги спознаеме тој компас не носи во сосема погрешна насока. Техниките кои ги обработувавме ја даваат можноста да ги проучиме сите перспективи за инспиративно лидерство. Да ја разбереме комплексноста, одговорноста, тежината на нашите реакции и репрограмирањето на однесувањето со цел да ја обезбедиме лична позитивна трансформација, а со тоа и сфаќање на околината на начин на кој можеби претходно не сме ја разбирале. Сето тоа е моќ. Моќ врз себе. Тоа отвара портали кои професионално не знам каде би ме однеле, но веќе почнувам да сфаќам каде би сакала да ме одведат“.

На нашето прашање, Што би им порачале на жените кои размислуваат да се пријават за сличен проект?, таа вели :„Да не размислуваат воопшто, да се пријават за едно вакво патување низ себе и откривање на секој дел од себе. Тоа ќе им помогне да си ја сватат својата искрена мисија, цел и исполнет живот.“

Најново

Последни колумни