Денес започнува учебната година: 14.500 првачиња во клупите, но 3.000 помалку од лани

Денес започнува учебната 2026/2027 година. Околу 14.500 првачиња првпат седнуваат во клупите, но се очекуваат 3.000 помалку од лани.

Новата учебна 2026/2027 година денес започнува за учениците во основните и средните училишта низ Македонија. За околу 14.500 првачиња, 1 септември е првиот училиштен ден – првата средба со училишните клупи, наставниците и новите соученици.

Бројот на првачињата сè уште не е конечен, бидејќи дополнителниот упис ќе трае до крајот на септември. Сепак, според досегашните податоци, годинава се очекува да има најмалку 3.000 првачиња помалку во споредба со минатата учебна година, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Намалувањето на бројот на учениците ќе има последици и врз организацијата на наставата. За учебната 2026/2027 година се очекуваат околу 200 паралелки помалку во основното и 100 помалку во средното образование.

Демографскиот пад особено се чувствува во руралните средини. Најавено е затворање на 26 рурални училишта во кои нема запишано ниту едно прваче. Во дел од овие училишта во изминатиот период наставата ја следеле само по пет до осум ученици.

Конечниот број на основци и средношколци кои денес ќе ја започнат наставата сè уште не е објавен. Последните целосни податоци на Државниот завод за статистика се однесуваат на почетокот на учебната 2025/2026 година, кога во редовното основно образование биле запишани 174.040 ученици, а во средното образование 67.540 ученици. Вкупно, минатата учебна година во училишните клупи седнале 241.580 основци и средношколци.

Најголема разлика има токму кај најмладите ученици. Во прво одделение минатата учебна година биле запишани 17.921 ученик, додека годинава досегашните податоци покажуваат околу 14.500 првачиња. Точната разлика ќе биде позната по завршувањето на дополнителните уписи во септември.

Од Министерството за образование и наука информираат дека учебниците се дистрибуирани и веќе се наоѓаат во училиштата. Согласно календарите за организација на работата на основните и јавните средни училишта, наставата започнува денес, 1 септември.

Првиот училиштен ден носи и зголемен број деца на улиците. Затоа до возачите е упатен апел за особено внимателно возење во близина на училиштата, пешачките премини и автобуските постојки. Зголемено внимание се очекува особено во утринските часови и по завршувањето на наставата. Новата учебна година започнува со првите училишни чекори за околу 14.500 деца, но и со бројки кои повторно го отвораат прашањето за демографскиот пад и намалувањето на бројот на ученици во македонските училишта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс