На 18 јуни се одбележува десеттото издание на Светскиот ден на одржливата гастрономија. Денот постои откако Генералното собрание на ОН на 21 декември 2016 година усвои резолуција А/РЕС/71/246 и го прогласи за меѓународно одбележување. Идејата е едноставна: тоа што јадеме, како го произведуваме и колку фрламе не е само лично прашање. Тоа е климатско, економско и хуманитарно прашање со мерливи последици.
Зошто 18 јуни и зошто гастрономијата е одржлива тема?
Целта на денот е подигање на јавната свест за улогата и важноста на одржливата гастрономија во промовирање на прехранбената безбедност, земјоделскиот развој, одржливото производство на храна, исхраната, зачувувањето на биодиверзитетот и одржливиот развој. УНЕСКО и ФАО ја препознаваат гастрономијата како културен израз поврзан со природната и културната разновидност на светот. ФАО разви унифицирана визија и интегриран пристап кон одржливост во земјоделството, шумарството и рибарството. Со поедноставени зборови: она што јадеме кажува кои сме. Она што фрламе кажува кои би можеле да бидеме.
Светот: 1,05 милијарди тони фрлена храна, 783 милиони гладни
Бројките на УНЕП не остануваат апстрактни долго. Во 2022 година, домаќинствата на сите континенти фрлале еквивалент на над милијарда оброци секој ден, додека 783 милиони луѓе биле погодени од глад и третина од човештвото се соочувало со прехранбена несигурност.
УНЕП проценува дека во 2022 година, светот произвел 1,05 милијарди тони отпад од храна во малопродажниот, угостителскиот и домашниот сектор. Просечниот отпад од храна по глава на жител таа година се проценува на 132 кг, од кои 79 кг е домашен отпад. Тоа одговара на речиси 19 отсто од храната достапна за потрошувачите. Домаќинствата генерираат 60 отсто од сиот отпад од храна, еквивалентно на 631 милион тони во 2022 година. Угостителскиот сектор придонесува 290 милиони тони, а малопродажбата 131 милион.
Климатската сметка е исто така конкретна. Отпадот од храна придонесува со 8 до 10 отсто од глобалните емисии на стакленички гасови, речиси пет пати повеќе од вкупните емисии на авиациската индустрија. Дополнително, 30 отсто од земјоделската земја се користи за производство на храна која на крај завршува во отпад.
Еден трилион американски долари. Тоа е економската загуба годишно.
Постигнувањето е можно: Јапонија и Велика Британија ги покажаа бројките
Јавно-приватните партнерства за намалување на отпадот од храна ги прифаќа сè поголем број влади. Јапонија и Велика Британија покажаа намалувања од 18 и 31 отсто соодветно, докажувајќи дека промената е можна ако храната се планира правилно. Тоа не е случајност. Јапонија го рефлектира принципот „моttainai”, без директен превод кое означува длабок жал за расипувањето. Велика Британија го направи мерливо со национална програма и буџет. Двете земји имаат различни култури и ист резултат: помалку отпад.
Македонија: земја која произведува, но не мери oтпад
Македонија е земја со силна земјоделска традиција. Земјоделскиот сектор е третиот по големина придонесувач во БДП, веднаш зад услугите и индустријата. Заедно со прехранбената индустрија, придонесуваат 12 до 15 отсто од вкупниот БДП. Скоро 435.500 луѓе, од население од 1,8 милиони, заработуваат целосен или дел од приходот од земјоделски активности.
Извозот на земјоделски и прехранбени производи во 2024 година сочинувал 11 отсто од вкупниот извоз на Македонија. Главните извозни земјоделски производи се тутун, вино, свеж и конзервиран зеленчук, овошје, кондиторски производи и јагнешко месо.
Но колку се фрла? Тука податоците прават пауза. Македонија нема официјална национална методологија за мерење на отпадот од храна по секторски нивоа, усогласена со стандардите на УНЕП. Државниот завод за статистика мери комунален отпад, но не го изолира делот кој е храна.
Она што е достапно: секој Македонец во 2024 година генерирал 438 кг комунален отпад, намалување од 12,9 отсто во споредба со 503 кг во 2023 година. Поголемиот дел од собраниот комунален отпад завршува на депонии. Во таа бројка е скриена и фрлената храна, но не е одвоена, не е мерена и не е предмет на национална цел.
Глобално, 13 отсто од произведената храна се губи по жетвата пред да стигне до продавница, а дополнителни 19 отсто се фрла во домовите, супермаркетите и рестораните. Ако Македонија ги следи глобалните просеци, тоа значи дека секој жител фрла околу 79 кг храна годишно само на домашно ниво. За земја со 1,8 милиони жители, тоа е над 140.000 тони годишно само од домаќинствата.
Одржлива гастрономија: не е диета, туку систем
Денот не е апел за воздржување туку апел за свесност за системот. Одржливата гастрономија промовира одговорни прехранбени системи и практики на одговорно јадење. Опфаќа свесност за тоа од каде доаѓаат состојките и како се одгледуваат, одржливо земјоделство кое осигурува дека земјоделците можат да произведуваат храна без да ги исцрпуваат природните ресурси, и прославување на традиции на храна и биодиверзитет, почитувајќи ги уникатните состојки карактеристични за различни региони.
За Македонија, каде земјоделството е столб и на економијата, тоа не е нова идеја. Зимницата, јадењата приготвени со тоа шо дава сезоната, дворот со зеленчук, соседот кој донесува доматите, сите тие традиции се одржлива гастрономија пред да ја измислат ОН. Прашањето е дали таа традиција може да преживее во систем на суперmarket логика, пакувања со рок на траење и планови за набавка во кои свежото завршува во ѓубре за 48 часа.
Ингер Андерсен, извршна директорка на УНЕП, го нарече отпадот од храна „глобална трагедија”. Не поради сентименталност тку поради бројките.