Search

Ден на Европа – прослава на европскиот мир и безбедност

На 9 мај секоја година земјите-членки на ЕУ го слават Денот на Европа. На годишнината од потпишувањето на Шумановата декларација во 1950 година, ова е ден за размислување за соработката, просперитетот и мирот што настана преку европскиот проект.

    Датумот, 9 мај, е комеморација на историската декларација на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во 1950 година за основањето на Европската заедница за јаглен и челик, која подоцна стана Европска Унија. Од 1985 година, овој ден се одбележува со прослави и свечености низ цела Европа.

 Идејата на Шуман за здружување на западногерманската, италијанската и француската индустрија за јаглен и челик се реализираше веќе на 18 април 1951 со потпишувањето на Парискиот договор за создавање на Европската заедница за јаглен и челик (ЕЗЈЧ).

Договорот стапи во сила на 23 јули 1952 година кога официјално беше формирана ЕЗЈЧ која ја сочинуваа Белгија, Западна Германија, Италија, Луксембург, Холандија и Франција, како заедница претходник на ЕУ.

 Во 1952 година во чест на Шуман и „Шумановата декларација“, 9 мај беше прогласен за Ден на Европа, кој се чествува секој година како ден кога се слават мирот и единството во Европа, а истовремено беше промовирано и денешното знаме на ЕУ како Знаме на Европа.

Знамето се одликува со круг од 12 златни ѕвезди на сина позадина. Тие се залагаат за идеалите за единство, солидарност и хармонија меѓу народите во Европа. Бројот на ѕвезди нема никаква врска со бројот на земјите членки, иако кругот е симбол на единство.

Мотото на ЕУ, „Обединети во различностите“, беше усвоено како мото на Европската унија во 2000 година.

 По повод на Денот на Европа, ЕУ и нејзините институции секоја година организираат настани и манифестации за одбележување на празникот.

Оваа година по повод Денот на Европа, ЕУ на 4 мај организираше „отворен ден“ на кој граѓаните можеа да ги посетат седиштата на институциите на Унијата и да се запознаат со начинот на нивно функционирање.

    Прославите на Денот на Европа ги допираат доменот на уметноста, културата, политиката и многу повеќе. Преку музика, танц, дискусии, проекции и други формати илјадници луѓе го одбележуваат мирот, единството и европската идеја. Земјите-членки и кандидатите се домаќини на свечености во плејада градови, често во соработка со националните ентитети, институциите на ЕУ или граѓанското општество.

Конкретно во центарот на Брисел ќе му се оддаде почит на Роберт Шуман, а посебно се очекува интересна да биде изведбата на европската химна отсвирена од каријони.

Европскиот парламент за прв пат ќе ги одбележи прославите на Денот на Европа во своите простории во Луксембург со „демократско село“, културни претстави и нова изложба „Europa Experience“ која ќе биде отворена за јавноста на 9 мај.
Во Италија, за прв пат од востановувањето на Денот на Европа, три историски италијански села ќе бидат осветлени во сино. Клучниот настан ќе се одржи на плоштадот Кампидољо во Рим со дебата, читање и музика.
За да го прослави Денот на Европа, шпанскиот министер за надворешни работи, Европска унија и соработка, Хозе Мануел Албарес, учествуваше на настанот „Зошто Европа е важна“ на 8 мај во Мадрид, со изведба на химната на ЕУ Ода на радоста од страна на Филхармонија и дијалози за влијанието и иднината на ЕУ.
Во Словенија со овогодинешното одбележување на Денот на Европа ќе бидат одбележани 20 години од членството во ЕУ. Главната прослава на годишнината ќе се одржи на 9 мај на плоштадот Европа, што го делат Италија и Словенија. Пред 20 години, тогашниот премиер на Словенија Антон Роп и тогашниот претседател на Европската комисија, Романо Проди, на мегдан ги одбројуваа секундите до приемот на Словенија во ЕУ.

Во главниот град на Бугарија, Софија, посетителите ќе имаат можност да пробаат локална храна и пијалоци од земјите-членки на ЕУ и да уживаат во музика и танц од различни делови на Европа. Како дел од фестивалот LUNAR, 3D светлосно шоу ќе ја осветли палатата на Националната уметничка галерија.
И земјите канидати исто така го одбележуваат Денот на Европа. Албанија, кандидат за ЕУ, исто така, секоја година го слави Денот на Европа. На 4 мај, во Скадар започна Неделата на Европа со фокус на инклузивноста, различноста и човековите права. Неделата на Европа ќе заврши на 9 мај со Саемот на Европа во главниот град на Албанија, Тирана.

Република Македонија ќе го одбележи Денот на Европа со проектот YouthExpress, „Патуваме низ регионот, пиксел по пиксел“, кој ќе се реалзира во Кратово, Куманово и Крива Паланка.

Најново

Последни колумни