Од Славеј Планина до НАТО алијансата: Македонската Армија го одбележува својот 34-ти роденден

Со очесни артилериски плотуни во Скопје и свечена смотра во Штип ќе се одбележат 34 години од формирањето на современите македонски одбранбени сили.

Со почесна артилериска стрелба во касарната „Илинден“ во Скопје и свечена смотра на вториот пешадиски баталјон во Штип, денеска се одбележува 18 Август – Денот на Армијата. Настанот означува 34 години од формирањето на современата македонска Армија, процес започнат по стекнувањето на независноста, кој денес продолжува како полноправна членка на НАТО алијансата.

Централниот дел од одбележувањето во главниот град се одржува во касарната „Илинден“. Единица од артилерискиот баталјон изведува почесна стрелба со 10 плотуни од шест артилериски орудија, на која ѝ претходи пробна стрелба со еден плотун.

Паралелно, одбележувањето продолжува и во касарната „Јане Сандански“ во Штип со смотра на 2. пешадиски баталјон и останатите армиски единици. На свеченоста присуствуваат претставници на високата воена команда, градоначалници од зоната на одговорност, раководители на јавни установи и претставници на верските заедници.

Датумот 18 август е избран во чест на 18 август 1943 година, кога на Славеј Планина е формиран баталјонот „Мирче Ацев“ – првата организирана воена формација на Народноослободителната војска на Македонија.

Современиот процес на формирање на Армијата започна во 1992 година. По договорот што тогашниот претседател Киро Глигоров го потпиша со раководството на ЈНА, федералната армија целосно се дислоцира од територијата на Република Македонија, со што започна изградбата на независниот одбранбен систем.

Од скромните почетоци со скромна опрема и инфраструктура, Армијата помина кроз повеќедецениски процес на трансформација, модернизација и усогласување со меѓународните стандарди.

Клучен историски момент во развојот на одбранбениот систем се случи на 27 март 2020 година, кога Северна Македонија официјално стана 30. полноправна членка на НАТО алијансата, со што армиските сили станаа рамноправен дел од колективниот систем за безбедност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс