Делови од Скопје денес без вода – погодени институции, трговски центри и населби

Поради интервенција на водоводната мрежа, делови од Скопје на 20 јуни ќе останат без вода или со намален притисок од 9 до 22 часот.

Повеќе делови од Скопје денес ќе останат без водоснабдување или ќе имаат намален притисок во период од 9 до 22 часот поради интервенција на водоводната мрежа. Прекинот ќе трае околу 13 часа и ќе опфати повеќе институции, трговски центри и градски подрачја.

Без вода ќе останат објектите на Македонската академија на науките и уметностите, Основниот суд Скопје 2, Младинскиот културен центар, Универзитетската библиотека и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Погодени ќе бидат и трговските центри „Мавровка“ и „Ист гејт“, делови од Турската чаршија, Саат-кулата, како и Македонската радио-телевизија.

Прекинот ќе се однесува и на населбите Крњево и Автокоманда (ниска зона до Камник), како и на повеќе улици, меѓу кои „Петар Георгиев“, „Отокар Кершовани“ и „Адвокатска“, како и дел од булеварот „Крсте Мисирков“.

Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информираат дека интервенцијата се изведува поради дефект на затворачи на водоводната линија на булеварот „Крсте Мисирков“ и Кеј „Димитар Влахов“. Од претпријатието апелираат граѓаните навреме да обезбедат резерви вода до завршување на работите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс