Делчево затвора четири селски училишта поради драстичен пад на учениците

Учениците од селата Габрово, Ѕвегор, Стамер и Вирче ќе патуваат во градските училишта со цел да се намалат високите општински трошоци за одржување.

Општина Делчево донесе одлука за привремено ставање во мирување на четири подрачни училишта во селата Габрово, Ѕвегор, Стамер и Вирче поради континуиран и остар пад на бројот на запишани деца. Одлуката ја изгласа Советот на Општината по спроведен оптимизациски план и детална анализа на образовната мрежа изработена во соработка со Министерството за образование и наука.

Мерката директно ги опфаќа подрачните единици што функционираат во состав на основните училишта „Ванчо Прке“ и „Св. Климент Охридски“. Локалната власт посочува дека драстично намалениот број ученици повеќе не го оправдува секојдневното функционирање на овие рурални објекти, па сите засегнати ученици образовниот процес ќе го продолжат во централните училишни капацитети во градот.

Покрај демографската криза, значаен фактор за ваквиот потег претставува и економскиот товар за локалната самоуправа. Според официјалните пресметки на Општина Делчево, функционирањето на овие четири подрачни училишта годишно ги чини матичните установи околу пет милиони денари, што претставува сериозно финансиско оптоварување за училишните буџети.

Податоците од општинската програма за образование бележат континуиран пад на вкупниот број ученици во изминатите неколку години. Во учебната 2025/2026 година на ниво на целата општина се евидентирани 1.236 ученици, што е за 145 помалку во споредба со периодот од пред три години. Негативниот тренд е особено изразен кај првачињата, каде годинава се запишани 111 деца, за разлика од 2015 година кога првпат на училиште тргнале 142 ученици.

Состојбата во Делчевско е директен одраз на продлабочената демографска криза со која се соочува целиот Источен регион во земјата. Официјалната статистика на Државниот завод за статистика за 2024 година бележи 936 живородени деца наспроти 1.974 починати лица во овој дел од државата, што претставува негативен природен прираст од над илјада жители за само една година.

Слична реорганизација на училишната инфраструктура се подготвува на територијата на целата држава. Од ресорното министерство претходно беше најавено дека процесот на оптимизација ќе опфати околу дваесет рурални подрачни училишта низ државата, каде што наставата ја следат симболичен број ученици.

е-Трн да боцка во твојот инбокс