Иранско-американското дуо Али Ширазинија и Шарам Тајеби, познати како Deep Dish, ова лето доаѓаат и во Битола. На 17 јули, едни од највлијателните имиња на хаус и прогресив сцената од крајот на 90-тите ќе настапат на Ракометното игралиште во Битола, во организација на Intermezzo Music Rituals.

Со Греми-награда во биографијата, ремикси за големи светски артисти и звучен потпис што ги спои хаусот, прогресивот и тек хаусот, Deep Dish веќе со децении имаат статус на референтно име во светската електронска култура. Денес се редовни гости на фестивали и големи клубски серии ширум Европа и регионот, а вклучувањето на Битола во нивниот летен календар е значаен чекор за локалната сцена.
Нивниот настап во Скопје претходно годинава донесе сериозен и длабок електронски сет и специфично организациско ниво, иако журката беше технички прекината од полицијата на полноќ, наместо во 01 часот. Тој момент само уште еднаш потсети дека електронската музика, а особено артисти од калибар на Deep Dish, заслужуваат повеќе време во етерот. Повеќе од полноќ.
Во јули приказната се сели на југ: отворен простор, летна ноќ и град и регион што добиваат шанса за ново електронско музичко искуство. Билетите за Deep Dish во Битола се достапни преку Mktickets.mk.