Децата во Македониските училишта јадат нездрава храна, УНИЦЕФ бара итна промена

Нова национална проценка покажува дека учениците во Македонија сè уште имаат ограничен пристап до здрава и достапна храна во училиштата, додека нездравите опции остануваат најлесно достапни.

Децата во училиштата во Македонија сè уште растат во средина во која здравата храна често е поскапа, потешко достапна или целосно отсутна, додека нездравите ужинки, слатките пијалаци и брзите оброци се на дофат. Нова национална проценка предупредува дека училиштата мора да станат места каде што здравиот избор е најлесниот избор, а не привилегија за оние што можат да си го дозволат.

Проценката, спроведена во соработка со Министерството за образование и наука, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, со поддршка од УНИЦЕФ, опфатила претставници од секторите образование, здравство и јавни политики, како и повеќе од 1.700 ученици од основни и средни училишта.

Здравата храна постои, но не е доволно достапна

Наодите покажуваат дека постои напредок во одредени училишта, но и дека храната што им се нуди на учениците често не ги следи принципите на здрава исхрана. Дел од учениците имаат пристап до оброци, но тие не секогаш се нутритивно избалансирани, а здравите ужинки и свежата храна не се редовно достапни во училишните објекти.

Особено загрижува тоа што дел од децата и понатаму се изложени на реклами и промоции за нездрава храна и пијалаци. Според проценката, ова влијае врз навиките на учениците и го зајакнува изборот на производи богати со шеќер, сол и масти, наместо оброци што го поддржуваат нивното здравје и развој.

УНИЦЕФ: Училиштата треба да градат здрави навики, не да ги рушат

Од УНИЦЕФ порачуваат дека училиштата имаат огромна улога во обликувањето на навиките на децата. Таму каде што учениците секојдневно учат, треба и секојдневно да имаат пристап до храна што го поддржува нивното здравје, концентрација и развој.

Претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер, нагласува дека децата растат и учат во средина каде што нездравата храна е широко достапна, видлива и интензивно рекламирана. Според неа, училиштата мора да бидат дел од решението, преку овозможување пристап до здрава, достапна и привлечна храна, како и преку поддршка за здрави навики во текот на целиот живот.

Кампања за поздрави училишни оброци

Во рамки на иницијативата се најавува и кампања што ќе ги поттикне учениците, наставниците, родителите и јавноста да размислуваат за тоа каква храна им е достапна на децата во училиштата. Целта е да се намали изложеноста на нездрава храна и реклами, а да се зголеми пристапот до поздрави избори.

Кампањата повикува на учество во предизвикот на социјалните мрежи со хаштагот #ШтоИмаЗаЈадење, преку кој учениците и граѓаните можат да споделуваат искуства, идеи и пораки за поздрава училишна исхрана.

Пораката е јасна: храната во училиштата не е споредна тема. Таа е прашање на здравје, еднаквост и грижа за децата. Ако училиштето треба да биде место каде што се гради иднината, тогаш таа иднина не може да се гради со празни калории и нездрави избори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс