Македонија под просекот на ЕУ: 15,4 отсто од граѓаните се дебели

Податоците на Евростат покажуваат дека повеќе од половина Европејци имаат вишок килограми, а мажите во сите категории водат пред жените.
Фото: Anastasia Kazakova / Freepik

Во Европската Унија 16,3 отсто од полнолетните граѓани се соочуваат со дебелина, додека последните официјални податоци за Македонија ја сместуваат земјата малку под европскиот просек, со стапка од 15,4 отсто. Статистиката на Евростат открива и поширок проблем со телесната тежина на континентот: кога ќе се додадат и оние со прекумерна тежина, повеќе од половина од возрасната популација во Унијата ги надминува препорачаните граници за здрав индекс на телесна маса.

Разликите меѓу земјите членки се огромни. На врвот на табелата е Малта, каде над четвртина од населението влегува во категоријата дебели лица. Веднаш зад неа се наоѓаат Литванија со 24,6 отсто и Финска со 23,2 отсто.

Спротивно на нив, медитеранските навики се чини најмногу им користат на граѓаните во Италија, каде дебелината изнесува само 7,0 отсто, што е убедливо најнизок резултат во цела Унија. Меѓу земјите со релативно помал удел се и Грција со 12,8 отсто и Романија со 12,9 отсто дебели граѓани.

Споредбата по пол открива јасен јаз. Во рамки на Унијата, стапката на дебелина кај мажите изнесува 17,4 отсто, додека кај жените таа е 15,3 отсто.

Разликата станува уште поизразена кај категоријата лица со прекумерна тежина, односно оние со индекс на телесна маса меѓу 25 и 30. Дури 41,9 отсто од мажите во ЕУ спаѓаат во оваа група, наспроти 29,3 отсто од жените. Дополнителните 35,4 отсто граѓани на ниво на цела ЕУ што имаат покачена телесна тежина јасно покажуваат дека тежината прераснува во структурен јавноздравствен предизвик, а не поединечен исклучок.

е-Трн да боцка во твојот инбокс