Инвеститорите за изградба на масивни дата центри сè почесто гледаат кон аргентинска Патагонија, привлечени од студената клима, евтиниот гас од наоѓалиштето Вака Муерта и огромните празни површини. Додека технолошките гиганти во САД се соочуваат со отпор од граѓаните поради преоптоварени електроенергетски мрежи и зголемени сметки за струја, почетните проекти во Аргентина засега минуваат без јавен притисок и со директна поддршка од економските реформи на претседателот Хавиер Милеј.
Патагонија ги нуди токму ресурсите што најмногу им недостигаат на операторите на сервери за вештачка интелигенција: природно ладење и огромни количини енергија. Аргентинската компанија „Пампа енергија“ веќе подготвува проект покрај термоелектраната Лома де ла Лата во провинцијата Неукен. Инсталацијата би трошела до 500 мегавати струја произведена од шкрилен гас од Вака Муерта, едно од најголемите наоѓалишта во светот.
Инфраструктурата за ваков капацитет чини речиси 900 милиони долари, а планот е првично да се изградат пилот-погони од 20 до 40 мегавати. Рубен Ечевери од развојниот совет на Неукен вели дека целта е создавање цел кластер на дата центри што ќе го намали почетниот ризик за странските компании. Меѓу заинтересираните е и американската „ФлексДомс“, која бара вложувачи за центар вреден 1,4 милијарди долари.
Овој бран на интерес доаѓа по декември 2023 година, откако Хавиер Милеј ја презеде претседателската функција и воведе специјален режим на даночни олеснувања и регулаторна стабилност (РИГИ). Милеј лично патуваше во Силиконската долина во мај 2024 година, каде што се сретна со челниците на „ОпенАИ“, „Гугл“, „Мета“ и „Епл“ за да лобира за инвестиции.
Американскиот „ОпенАИ“ најави партнерство со локалната „Сур енерџи“ за проект со чиста енергија вреден до 25 милијарди долари. Во исто време, полската компанија „Грин капитал“ закупи речиси 1.300 квадратни километри земјиште во провинцијата Чубут за изградба на ветерни и соларни паркови за сопствен дата центар, со амбиција капацитетот со тек на време да достигне 3.000 мегавати без оптоварување на националната мрежа.
Иако ресурсите се тука, Патагонија нема развиена телекомуникациска и електрична мрежа. Државната агенција за комуникации планира нова станица за оптички кабли, но проектите се уште во рана фаза. Аналитичарите од индустријата предупредуваат дека најавите не значат автоматска реализација.
Дел од инвеститорите сè уште тактизираат и го чекаат исходот од претседателските избори во 2027 година, за да бидат сигурни дека регулаторните олеснувања нема да бидат укинати со евентуална промена на власта. Дополнителен локален предизвик се руралните области каде што живеат домородните семејства Мапуче, кои со години водат спорови со енергетските компании за користењето на земјиштето.