Софија вечерва ја пречека DARA со црвен тепих, голем концерт и илјадници фанови, по нејзината победа на Евровизија 2026. На плоштадот „Књаз Александар I“ беше организирана прослава во чест на бугарската пејачка Дарина Јотова, која со песната „Bangaranga“ ја донесе првата евровизиска победа за Бугарија.
DARA пристигна на плоштадот по црвен тепих долг 60 метри, поздравувајќи ја публиката која ја пречека со бугарски знамиња, аплаузи и овации. Според бугарските медиуми, настанот бил организиран од Општина Софија, а центарот на градот бил исполнет со фанови кои дојдоа да ја поздрават победничката на Евровизија.
Од сцената, DARA откри дека „Bangaranga“ веќе влегла на глобалната листа на Spotify и моментално се наоѓа на 11. место во светот. Таа додаде дека песната има големи шанси да се најде и на Billboard листата, што, како што рече, за неа е неверојатен успех.
„Ви благодарам од дното на моето срце, ова многу ми значи. Ќе го паметам овој момент до крајот на мојот живот. Мојот сон беше да можам да ги обединам луѓето и да ве видам сите тука заедно. Ви благодарам што ми го остваривте сонот“, порача DARA пред публиката во Софија.
На 27 години, DARA стана една од најголемите музички ѕвезди во регионот, откако со „Bangaranga“ ја освои европската сцена. По нејзината победа, Бугарија ќе биде домаќин на следното издание на Евровизија во 2027 година.