Данска сака да ги забрани deepfake снимките: без согласност – нема споделување

Данската влада предлага закон со кој би било забрането создавање и споделување дигитално изменети снимки и фотографии од луѓе без нивна согласност. Исклучок би имало за карикатури, пародии, сатира и други форми на општествена критика.

Данската влада предлага закон со кој би се забранило создавање и споделување дигитално изменети прикази на луѓе без нивна согласност, во обид да се ограничи ширењето на таканаречените deepfake содржини создадени со помош на вештачка интелигенција. Нацрт-законот денеска треба да го претстави министерката за култура Зенија Стампе, која предупреди дека манипулираните фотографии и видеоснимки можат да шират дезинформации и да ја поткопаат довербата на јавноста во тоа што го гледа на интернет.

Според Стампе, една од целите на законското решение е технолошките компании да бидат обврзани побрзо да ги отстрануваат ваквите содржини, за последиците од нивното ширење да бидат што помали. На тој начин, Данска сака да постави построги правила за тоа што се случува кога нечиј лик, глас или настап ќе биде дигитално изменет или репродуциран без дозвола.

Предлогот не се однесува само на заштитата на граѓаните од злоупотреба на нивниот лик. Данската влада сака да ги заштити и уметниците, чии настапи и дела можат да бидат имитирани или дигитално репродуцирани без нивно одобрение. Со развојот на генеративната вештачка интелигенција, ваквите содржини стануваат сè полесни за создавање, што отвора нови прашања за авторските права, личниот интегритет и контролата врз сопствениот дигитален лик.

Сепак, предложените правила не би значеле дека секоја изменета фотографија или снимка би била незаконска. Во законот се предвидени исклучоци за карикатури, пародии и сатира, како и за други форми на критика на општеството и власта. Тоа значи дека целта е да се ограничи злоупотребата на дигиталната технологија, без да се укине просторот за политички коментар, хумор и уметничко изразување.

Предлог-законот сега влегува во парламентарна процедура. Министерката Стампе изрази надеж дека новите правила би можеле да стапат во сила на почетокот на следната година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс