Дали знаете што се ситните црни точки во средината на бананата?

Бананите ги јадеме речиси секојдневно, но малкумина знаат дека ситните кафеави или црни точки во нивната средина не се грешка ниту знак дека плодот се расипува. Тоа се остатоци од семки што никогаш не се развиле, а нивната приказна открива многу за тоа како се одгледува ова овошје.

Бананите се едно од најпопуларните овошја во светот и дел од секојдневната исхрана на милиони луѓе. Се јадат како брза ужина, се додаваат во смути и житарки, од нив се прави леб, а карамелизирани се служат со палачинки. Сепак, ретко кој се запрашал што се ситните црни точки во бананите што се протегаат низ средината на плодот.

Ботанички гледано, бананите спаѓаат во бобинки, исто како доматите, грозјето и кивито. Тие се развиваат од еден цвет и во природата обично имаат семки низ целиот плод. Интересно е и тоа што растението на бананата не е дрво, туку огромна зелјеста билка, една од најголемите во светот.

Бананите што ги купуваме во продавниците со децении се одгледувани така што да бидат послатки, помеки и полесни за лупење. Тие речиси и немаат семки, поради што изгледаат сосема поинаку од дивите банани. Дивите сорти се полни со тврди семки, големи како зрна грав, што ги прави речиси неупотребливи за јадење.

Кафеавите или црните точки во средината се всушност остатоци од неразвиени семки. Тие се толку ситни и меки што повеќето луѓе ги јадат без воопшто да ги забележат. За разлика од семките на јаболкото или лубеницата, тие никогаш не созреваат во тврдо семе од кое би можело да израсне ново растение.

Затоа денешните банани се практично стерилни. Комерцијалните растенија се размножуваат со клонирање, односно со садници од постоечки растенија, па секое од нив е генетска копија на другото. Тоа го олеснува одгледувањето и транспортот, бидејќи плодовите созреваат подеднакво и траат исто долго на полиците во продавниците.

Недостатокот е што, поради малата генетска разновидност, бананите се многу почувствителни на болести. Ако една болест погоди едно растение, таа може да ги уништи и сите останати, бидејќи ниедно нема природна отпорност. Историјата веќе покажала колку тоа е реален ризик, бидејќи во средината на минатиот век габичната Панамска болест речиси целосно ја уништила сортата Грос Мишел, која тогаш била најраспространетата банана во светот.


Нејзиното место го презела сортата Кевендиш, која и денес доминира на светскиот пазар и која најверојатно ја јадете и вие. Меѓутоа, и таа е под закана од нов вид на истата болест, кој во последните години се шири низ плантажите на повеќе континенти. Затоа научниците интензивно работат на развој на нови, поотпорни сорти, за бананите да останат на нашите трпези и во иднина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс