Можеби знаете кое му е омиленото јадење, што го нервира на работа, какви соништа има и што му се случило во претходната врска. Но, дали знаете колку пари заработува вашиот партнер? И дали воопшто треба да го знаете тоа?
Парите и понатаму се една од најчувствителните теми во љубовните односи. За некого разговорот за платата е сосема природен, додека за други претставува навлегување во приватноста, особено на почетокот на запознавањето.
Британскиот Би-би-си разговарал со млади луѓе во Њујорк за да открие кога е вистинското време партнерите да почнат да разговараат за заработката, трошењето и финансиските навики. Одговорите покажуваат дека, иако отвореноста се смета за важна во врската, кога станува збор за пари, правилата не се толку едноставни.
Дали прашањето за платата е знак за тревога?
Дваесет и петгодишната Вила Мортон, која работи во продажба во технолошкиот сектор, смета дека партнерите не мора секогаш да ја знаат точната заработка еден на друг.
Нејзиното момче има сопствена компанија и заработува повеќе од неа, но таа никогаш директно не го прашала колкави се неговите приходи. Разликата во нивните финансиски можности ја препознава преку секојдневните навики.
Додека таа внимателно размислува пред секое поголемо трошење, нему многу полесно му е да потроши пари за ресторан или заедничко излегување. Нивните вечери понекогаш чинат и по 200 долари, а сметката најчесто ја плаќа тој. Таа, пак, ги презема помалите трошоци.
За Вила, ваквата распределба функционира и без детални разговори за тоа кој колку заработува.
Но, не сите се толку опуштени кога станува збор за финансиските прашања.
Бриџит Шурдут (26), која исто така работи во продажба, признава дека би ѝ било крајно непријатно некој да ја праша за платата уште на првите неколку состаноци.
Таквото прашање за неа би било знак за тревога, па дури и причина да размисли дали сака повторно да се види со таа личност.
Според неа, многу поважно од моменталната заработка е дали некој има амбиција, мотивација и желба да напредува.
Љубовта не е финансиски извештај, но парите влијаат врз заедничкиот живот
Други млади луѓе со кои разговарал Би-би-си сметаат дека постои природен момент кога парите треба да станат тема, а тоа е кога врската станува сериозна.
Пред тоа, сосема доволно е да се знае со што се занимава партнерот, какви планови има и каков животен стил води.
Но, кога двајца луѓе ќе почнат да размислуваат за заеднички живот, стан, патувања или семејство, финансиските прашања веќе не можат лесно да се избегнуваат.
Разликите во приходите не мора да бидат проблем. Многу поголеми несогласувања можат да настанат кога едниот партнер сака да штеди, а другиот постојано троши, кога едниот планира долгорочно, а другиот живее од плата до плата.
Токму затоа разговорот за парите не треба да се сведе само на прашањето колку изнесува нечија месечна заработка.
Експертка советува: За парите разговарајте порано отколку што мислите
Кејт Менсфилд, советничка за љубовни и партнерски односи, смета дека двојките треба да ги отворат финансиските теми многу порано отколку што обично го прават тоа.
Но, тоа не значи дека на првиот состанок треба да побарате увид во банкарската сметка на личноста со која сте излегле.
Наместо директно прашање за платата, многу покорисно е да разговарате за односот кон трошењето, штедењето, великодушноста, финансиската независност и очекувањата од заедничкиот живот.
Таквите разговори можат да покажат дали двајцата партнери имаат слични вредности, дури и кога заработуваат различно.
На пример, некој може да има висока плата, но и големи долгови. Друг може да заработува помалку, но внимателно да управува со парите и да има стабилни финансиски навики.
Затоа висината на приходите сама по себе не кажува многу за финансиската одговорност на една личност.
Кога молчењето за парите станува проблем?
Не постои универзално правило кога партнерите треба да си ја откријат точната заработка. На почетокот на запознавањето, секој има право на финансиска приватност.
Но, кога двајца луѓе планираат заеднички трошоци и долгорочни обврски, отвореноста станува сè поважна.
Разговорите за станбен кредит, кирија, штедење или заеднички буџет бараат реална слика за финансиските можности на двајцата. Во такви ситуации, криењето долгови или сериозни финансиски проблеми може да ја наруши довербата.
На крајот, можеби најважното прашање во врската не е колку заработува партнерот, туку како се однесува кон парите и колку е подготвен искрено да разговара за нив.
Бидејќи љубовта не се мери во евра, но финансиските навики можат значително да влијаат врз нејзината иднина.