Црвените чевлички на Дороти од „Оз“ – изгубени, пронајдени и продадени за милиони

Чифтот рубинесто црвени чевли што ги носеше актерката Џуди Гарланд во култниот филм Чудесниот волшебник од Оз се продадени за неверојатни 28 милиони долари на аукција во САД.

Овие чевли, еден од само четирите преживеани пара што биле користени во филмот, некогаш беа украдени од музеј во Минесота.

Аукцијата, која се одржа онлајн, започна пред еден месец. Иако почетните проценки беа дека чевлите ќе достигнат цена од околу 3 милиони долари, тие на крајот беа продадени за дури 25 милиони долари повеќе од очекуваното.

Аукциската куќа Heritage Auctions ги нарече чевлите „свет грал на холивудските сувенири“, истакнувајќи дека ова е највредниот филмски артефакт некогаш продаден на аукција.

Продажбата беше проследена со аплауз во салата за аукции во Далас и се совпадна со повтореното интересирање за мјузиклот поради неодамнешниот успех на филмот Wicked, кој претставува предисторија на приказната.


Од филмска магија до национално богатство

Џуди Гарланд имала само 16 години кога ја толкувала улогата на Дороти во класичниот мјузикл Чудесниот волшебник од Оз од 1939 година. Филмот, кој е адаптација на детската книга од Л. Френк Баум, е прогласен за еден од најдобрите филмови на сите времиња според списанието Variety.

Иако во книгата магичните чевли се сребрени, продуцентите одлучиле тие да бидат црвени за да ја искористат предноста на новата Technicolor технологија. Во филмот, како и во книгата, клучниот момент се случува кога Дороти трипати ќе ги чукне петиците од чевлите и ќе изговори: „Никаде не е како дома“, за да се врати кај својата тетка Ем во Канзас.

Од неколкуте пара што Гарланд ги носела за време на снимањето, познато е дека преживеале само четири. Еден од нив е изложен во Националниот музеј на американската историја при Смитсонијан.


Турбулентната историја на чевлите

Парот чевли што се најде на аукција има уникатна историја. Во 2005 година, тие беа украдени од Музејот на Џуди Гарланд во нејзиниот роден град Гранд Рапидс, Минесота. Крадецот, Тери Џон Мартин, разби стаклен излог и ги украде чевлите мислејќи дека нивната вредност од милион долари е поради вистинските рубини што ги красат.

Кога ги предал на посредник за продажба, открил дека украсите се направени од обично стакло. Ова довело до тоа чевлите да бидат препуштени на друг човек. Тие беа пронајдени од ФБИ дури во 2018 година за време на тајна акција.

Во 2023 година, Мартин призна вина за кражбата и беше осуден на казна која веќе ја одлежал. Сепак, што се случувало со чевлите за време на тие 13 години останува мистерија.

„Чевлите се национално богатство, симбол на американската култура“, изјави Џон Келш, кустос во музејот. „Да ги украдеш без да ја разбереш нивната вистинска вредност е апсурдно.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни