Грција прогласи „црвен код“ во 11 региони поради опасното невреме што се очекува денеска и утре, со обилни дождови, силни грмотевици, ветрови и можен град. Меѓу погодените области се и популарните туристички дестинации Солун и Халкидики.
Националната метеоролошка служба на Грција (ЕМY) издаде итно предупредување за влошување на временските услови, по што Министерството за цивилна заштита го активираше националниот механизам за одговор и ги стави ризичните подрачја под режим „црвен код“. Мерката подразбира мобилизација на локалните власти, подготовка на персонал, опрема и ресурси за можни интервенции поради опасност од поплави, оштетувања предизвикани од бури и други временски непогоди.
Според проценките на Комитетот за ризици, најсилните невремиња во петок се очекуваат на островите Споради, во централна и северна Евија, како и во крајбрежните области на Лариса и Магнезија. Нестабилно време со бури се прогнозира и за Атика, каде се наоѓа Атина, како и за делови од Централна Македонија и Централна Грција.
Под посебно внимание се ставени регионите Атика, Солун, Пиерија, Иматија, Халкидики, Лариса, Магнезија, Споради, Евија, Тасос, Самотрака и Лемнос. Метеоролозите предупредуваат дека невремето може да донесе краткотрајни, но интензивни врнежи, силни електрични празнења, налети на ветер и локална појава на град. Најголем ризик има во подрачјата каде што поројните дождови можат да предизвикаат проблеми со одводните системи и локални поплави.
Во сабота се очекува постепено смирување на временската состојба над континентална Грција, но локално силни бури сè уште се можни во делови од Егејското Море.
Властите апелираат граѓаните и туристите да бидат внимателни, да ги следат официјалните предупредувања и да избегнуваат непотребно движење во периодите кога се очекуваат најинтензивни врнежи и бури.