Според владината програма „ЕВРО МОДЕЛ“, која опфаќа повеќе од 250.000 вработени, минималната нето-плата ќе стартува од 1.000 евра за работните места за кои се бара основно или пониско образование.
За вработените на работни места со средно образование минималната плата е предвидена на 1.250 евра, додека кај работните места за кои е потребно високо образование ќе достигне 1.400 евра.
Моделот не се однесува само на приватниот сектор. Владата предвидува платите да растат и во јавниот сектор, а дополнително зголемување би следувало доколку социјалните партнери го поддржат предлогот за промена на пресметковната вредност на коефициентот.
Промените продолжуваат и кај пензиите. Од 2027 година нивното усогласување е предвидено четири пати во текот на годината, што треба да овозможи пензионерските примања почесто да се прилагодуваат.
Според најавите, просечната пензија во април би надминала 600 евра, додека минималната би се искачила над 500 евра. Дополнително, во декември секој пензионер би добивал и 100 евра зимски додаток.
Владата на Црна Гора веќе го усвои предложениот модел, а следниот чекор е негово доставување до парламентот. Доколку биде усвоен, новите износи на платите би почнале да се применуваат од 1 јануари 2027 година.
Извор: РТЦГ