Москва се соочи со еден од најголемите украински напади со дронови од почетокот на војната, откако на удар се најде нафтената рафинерија Капотња во југоисточниот дел на рускиот главен град. По нападот, жителите на неколку населби пријавија необична појава што ја опишаа како „црн дожд“, тврдејќи дека ситните капки оставале темни траги на облеката, автомобилите и прозорците.
Според информациите на Би-Би-Си, станува збор за најмасовниот украински напад врз Москва досега. Руските власти тврдат дека кон главниот град биле испратени речиси 200 дронови, додека Министерството за одбрана соопшти дека во последните 24 часа низ целата земја биле пресретнати и уништени речиси 1.000 беспилотни летала и четири крстосувачки ракети.
По погодокот на рафинеријата, над Москва се издигна густ облак од црн чад кој беше видлив од повеќе делови на градот. Гувернерот на Московската област соопшти дека најмалку 17 лица се повредени во нападите. Жителите на погодените области сведочат дека непосредно по експлозиите започнал ситен дожд кој оставал црни точки на нивната облека. Една жителка за Би-Би-Си изјавила дека додека чекала на семафор забележала темни дамки на јакната, а истото го забележале и други граѓани.
Иако локалните власти ги отфрлија тврдењата дека станува збор за дожд измешан со саѓи или нафтени честички, официјалните градски канали на Телеграм ги предупредија жителите во погодените области да ги затворат прозорците. На семејствата со мали деца, постарите лица и луѓето со респираторни заболувања им беше препорачано привремено да ја напуштат зоната.
Пожарите избувнаа откако рафинеријата Капотња беше погодена по трет пат во последниот месец и втор пат во текот на оваа недела. На снимките кои се појавија на социјалните мрежи се гледа силна експлозија при која бил оштетен еден од резервоарите за складирање нафта. Пожар зафатил и блиски трговски објект, откако делови од дрон наводно паднале врз зградата.
Украинскиот претседател Волдомир Зеленски изјави дека нападот е одговор на неодамнешниот руски ракетен удар врз Киев, при кој беше оштетен дел од познатиот православен комплекс. Според него, Украина не ја започнала војната, но ќе продолжи да возвраќа на нападите.
Од руска страна, министерот за надворешни работи Срегеј Лавров најави дека нападите врз Украина ќе продолжат со уште поголем интензитет, оценувајќи дека досегашните мерки не се доволни. Нападот предизвика сериозни нарушувања во воздушниот сообраќај. Четири московски аеродроми беа привремено затворени, а повеќе од 500 летови беа откажани или одложени.
Иако руските власти воведоа ограничувања за објавување снимки од последиците на нападите, на социјалните мрежи се појавија десетици видеа на кои се гледаат дронови како летаат над Москва среде бел ден, како и експлозии во индустриските зони на периферијата на градот.
Аналитичарите оценуваат дека нападот претставува уште еден показател за растечките способности на Украина за изведување далекуметни удари длабоко на руска територија. Од првите напади врз Москва во 2023 година, бројот на беспилотни летала и сложеноста на операциите значително се зголемија, што ја става под дополнителен притисок руската противвоздушна одбрана.
Во меѓувреме, руските сили извршија нов бран напади врз Украина со повеќе од 200 дронови и неколку балистички ракети, што укажува дека конфликтот продолжува да ескалира и покрај дипломатските напори за негово запирање.