Од полноќ возачите во Македонија плаќаат значително повисоки цени за горивата. Според најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), бензините поскапуваат за три денари по литар, додека дизелот ќе чини шест денари повеќе.
Новите максимални малопродажни цени се:
- Еуросупер БС-95 – 90 денари за литар (+3 денари)
- Еуросупер БС-98 – 92 денари за литар (+3 денари)
- Еуродизел – 94 денари за литар (+6 денари)
- Екстра лесно масло – 93 денари за литар (+7 денари)
- Мазут М-1 НС – 45,373 денари за килограм (+3,205 денари)
Од РКЕ соопштија дека просечното зголемување на цените на нафтените деривати изнесува 5,88 проценти во однос на претходната одлука.
Како главна причина за поскапувањето се наведува растот на референтните цени на светските пазари. Според пресметките на Комисијата, цените на бензините пораснале за 9,003 проценти, дизелот за 14,963 проценти, екстра лесното масло за 13,2 проценти, а мазутот за 10,686 проценти.
Во новата пресметка е вклучена и одлуката на Владата за намалување на акцизите – за еден денар по литар кај бензините и за два денари кај дизелот. Од РКЕ посочуваат дека без оваа мерка, поскапувањето ќе било уште поголемо.
Регулаторната комисија потсетува дека станува збор за максимално дозволени малопродажни цени, а трговците можат да продаваат гориво и по пониски цени.
Во меѓувреме, Собранието ја продолжи кризната состојба за нафта и нафтени деривати до 20 октомври, со цел државата да може навремено да реагира доколку дојде до нови нарушувања во снабдувањето или дополнителни ценовни шокови на светските пазари.