Цените на нафтата повторно растат: Тензиите во Ормускиот теснец ги вознемирија светските пазари

Цените на нафтата повторно се искачија поради зголемените тензии во Ормускиот теснец и стравувањата за глобалното снабдување. Инвеститорите внимателно ја следат ситуацијата меѓу САД и Иран.

Цените на нафтата повторно бележат раст на светските пазари, поттикнати од новите безбедносни ризици во Ормускиот теснец, една од најважните поморски рути за транспорт на сурова нафта. На лондонската берза цената на барелот достигна 72,97 долари, што е за 98 центи повеќе во однос на затворањето на минатата недела. Истовремено, на американскиот пазар барелот поскапе за 1,14 долари и се тргуваше по цена од 70,73 долари.

Новиот раст на цените следува по ескалацијата на тензиите меѓу САД и Иран во Персискиот Залив. Дополнителна неизвесност создадоа предупредувањата од Иран дека бродовите што минуваат низ Ормускиот теснец мора строго да се движат по утврдените пловни коридори, бидејќи пловидбата надвор од нив може да биде небезбедна.

Во обид да се намалат ризиците, Оман, во координација со Меѓународната поморска организација, воспостави две привремени поморски рути северно и јужно од коридорот што го дефинира Иран. Дополнителна загриженост предизвика и ракетниот напад врз товарен брод во близина на брегот на Оман. По инцидентот, Меѓународната поморска организација го прекина координираниот систем за доброволно придружување на трговските бродови низ Персискиот Залив.

Иако Вашингтон и Техеран во меѓувреме постигнаа договор за прекин на непријателствата и продолжување на техничките разговори, пазарите остануваат внимателни. Неизвесноста околу безбедноста на пловидбата низ Ормускиот теснец продолжува да влијае врз цените на енергенсите.

Аналитичарите предупредуваат дека доколку во наредните денови не се нормализира сообраќајот низ теснецот и не се зголеми бројот на товарни бродови што ја користат оваа стратешка рута, можно е цените на нафтата дополнително да пораснат. Позитивен сигнал за пазарот сепак дојде од Саудиска Арабија, каде што нафтениот гигант „Сауди Арамко“ повторно го активираше товарењето на сурова нафта на терминалот Рас Танура по четиримесечен прекин. Сепак, геополитичките ризици засега остануваат главниот фактор што ги движи цените на светските пазари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс