Цените на нафтата денеска значително се намалија на меѓународните пазари, откако инвеститорите позитивно реагираа на сигналите дека САД и Иран се приближуваат до рамковен мировен договор кој би можел да доведе до нормализација на транспортот на енергенси низ Ормутскиот Теснец.
На лондонскиот пазар цената на барел нафта попладнево падна за 5,65 долари и изнесуваше 97,89 долари. На американскиот пазар, пак, барелот се продаваше за 91,17 долари, што е намалување од 5,43 долари во однос на крајот на минатата недела.
Оптимизам поради мировните преговори
Пазарите ги охрабри изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој во саботата порача дека Вашингтон и Техеран „главно го заокружиле“ договорот за мировен процес. Според најавите, договорот би требало повторно да го отвори Ормутскиот Теснец, еден од најважните светски коридори за транспорт на нафта и гас. Иран претходно ја презеде контролата врз теснецот по американско-израелските напади и го ограничи поморскиот сообраќај за бродови поврзани со САД, Израел и нивните сојузници.
Во меѓувреме, САД од април ги блокираат иранските пристаништа во Оманскиот Залив и Арапското Море, незадоволни од текот на преговорите.
Можно олеснување на санкциите
Иранската агенција „Тасним“ објави дека се разгледува можност за привремена суспензија на американските санкции за продажба на иранска нафта, петрохемиски производи и нивни деривати. Таквиот потег би му овозможил на Иран повторно да извезува нафта без ограничувањата што произлегуваат од санкциите.
Поради тоа, инвеститорите очекуваат дека евентуалниот договор би можел да помогне во стабилизирање на снабдувањето со енергенси и намалување на цените на горивата пред летната туристичка сезона.
Првите танкери веќе го напуштаат Ормут
Според податоците за движење на бродовите, денеска два танкери со течен природен гас го напуштиле Ормутскиот Теснец на пат кон Пакистан и Кина. Во саботата, супертанкер со ирачка сурова нафта, кој речиси три месеци чекал дозвола за транзит, исто така испловил кон Кина. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека целосната нормализација на пазарот нема да биде брза, бидејќи бројни нафтени и гасни постројки во регионот се оштетени од конфликтот.
OPEC денеска не објави нова цена на кошничката нафта поради празник во Австрија, каде што е седиштето на организацијата. Последната објавена цена во четвртокот изнесуваше 113,44 долари за барел.