Цените на нафтата нагло растат поради тензии во Ормускиот теснец и страв од нов конфликт на Блискиот Исток

Цените на нафтата пораснаа за повеќе од 5% поради зголемени тензии во Ормускиот теснец и страв од прекин на примирјето меѓу САД и Иран. Аналитичарите предупредуваат на можен нов ценовен шок.

Цените на нафтата денес забележаа раст од над 5%, поттикнати од стравувањата дека кревкото примирје меѓу САД и Иран може да биде нарушено, по запленувањето на ирански товарен брод од страна на американските сили и делумно прекинатиот поморски сообраќај низ Ормускиот теснец.

На меѓународните берзи, цената на нафтата надмина 94 долари за барел. Во Лондон, барел нафта се тргуваше по 94,45 долари, што е зголемување од над 4 долари во однос на претходната сесија, додека на американскиот пазар цената достигна 87,90 долари.

Клучна геополитичка точка – Ормускиот теснец

Ормускиот теснец, преку кој поминува значаен дел од глобалната трговија со нафта, повторно е во центарот на геополитичките тензии. Привременото отворање и затворање на пловниот пат од страна на Иран и реакциите на САД дополнително ја зголемија несигурноста на пазарите.

Во последните денови, Иран и САД разменуваат обвинувања околу условите за продолжување на примирјето, кое првично беше договорено на 10 дена како основа за понатамошни преговори.

САД најавија нова рунда разговори со Иран, но од Техеран засега стигнуваат сигнали дека нема јасна намера за учество без исполнување на одредени услови. Во меѓувреме, експертите предупредуваат дека ситуацијата останува нестабилна и дека истекот на примирјето може да отвори нова ескалација во регионот на Персискиот Залив, што дополнително би влијаело на глобалната енергетска стабилност.

Потенцијално влијание врз светската економија

Аналитичарите истакнуваат дека продолжените тензии во Ормускиот теснец би можеле да доведат до нов бран поскапувања на нафтата, со директни последици врз инфлацијата и енергетските пазари ширум светот.

Во таков сценарио, цените на горивата би можеле да останат високи, особено доколку дојде до нови прекини во снабдувањето или ескалација на конфликтот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни