Лубеницата е едно од омилените летни освежувања, но многумина прават грешки при нејзиното чување, особено откако ќе ја исечат. Правилното складирање може да направи голема разлика во зачувувањето на вкусот, текстурата и свежината на овошјето.
Откако ќе се пресече лубеницата, повеќе не важат истите правила како за цел плод. Исечените парчиња треба да се стават во фрижидер, најдобро во добро затворена кутија или покриени за да не ја губат влагата и да не ги впиваат мирисите од друга храна.
Експертите препорачуваат, доколку е можно, лубеницата да се сече непосредно пред консумирање. Поголемите парчиња остануваат посвежи подолго од малите коцки, бидејќи имаат помала површина изложена на воздух.
За најдобар резултат, остатокот од лубеницата треба да се чува во херметички затворен сад во фрижидер и да се искористи во рок од околу три до четири дена. Доколку се појави слузава текстура, непријатен мирис или променет вкус, овошјето повеќе не е за консумирање.
Иако целата лубеница често се става веднаш во фрижидер, некои совети укажуваат дека пред сечење подобро е да се чува на ладно и суво место, заштитено од директна сончева светлина, а да се разлади непосредно пред сервирање.