ЦУК регистрира 41 пожар за едно деноноќие, шест огништа сè уште горат

Пожарникарите изгаснаа 30 стихии низ реоните, додека огнот продолжува да се шири кај Сарај, Струшко, Штипско и Палиград.
Фото: Илустрација

Центарот за управување со кризи регистрира вкупно 41 пожар на отворен простор низ Македонија во изминатите 24 часа. Противпожарните единици успеаја целосно да ликвидираат 30 пожари, пет ставија под контрола, додека шест огништа сè уште се активни на терен. Според утринскиот пресек на надлежните, пламените јазици зафатија сува трева, депонии и шумски појаси во повеќе региони.

Шест активни жаришта се регистрирани во исто толку општини. Во скопски Сарај, над селото Копаница, огнот зафати нискостеблеста шума и сува трева. Слична состојба има и во Студеничани кај месноста Палиград, каде што гори мешана шума.

Во Струшко пламените јазици се пробиваат низ шумски појас во атарите на селата Пискупштина, Луково и Буринец. Во кичевско Тајмиште, кај локацијата Дардара, пожарникарите се обидуваат да спречат ширење на пожар во мешана шума, а теренска интервенција има и кај Грачани во Општина Ѓорче Петров.

Кај Штип огнот зафати сува трева на потегот меѓу селата Селце, Пухче, Степанци и Лакавица. Истовремено, екипите успеаја да стават под контрола пет други локации. Меѓу нив се пожарите кај селата Битово, Заград, Страјане, како и кај Драгов Дол и Белица во Општина Македонски Брод. Локализиран е и пожарот што изби на градската депонија во Делчево, како и жариштето над Палиград во Зелениково.

Во текот на деноноќието комплетно се изгаснати 30 пожари. Интервенции имаше во Велес, Чашка, Демир Капија, Струмица, Валандово, Гостивар, Прилеп, Куманово, Липково и Струга, каде што гореа стрништа, диви депонии и борови шуми.

е-Трн да боцка во твојот инбокс