Црвен аларм во Хрватска: Доаѓа топлотен бран со температури до 40 степени

Најтешко ќе биде за време на викендот, а високите температури и тропските ноќи би можеле да продолжат и во првата недела од август

Хрватска се подготвува за повеќедневен и потенцијално опасен топлотен бран, со дневни температури што од сабота ќе достигнуваат меѓу 35 и 40 Целзиусови степени. За повеќе делови од земјата е активиран црвен метеоаларм, а метеоролозите предупредуваат дека екстремната жештина може сериозно да влијае врз здравјето на луѓето.

Според најновото предупредување на хрватскиот Државен хидрометеоролошки завод, под влијание на силен антициклон над југозападна и централна Европа, кон Хрватска ќе продолжи да пристигнува многу топол и сув воздух.

Најкритично ќе биде за време на викендот

Највисоките дневни температури од сабота главно ќе се движат меѓу 35 и 40 степени, а локално би можеле да бидат и повисоки.

Црвени предупредувања за сабота и недела се предвидени за повеќе региони, меѓу кои Загреб, Риека, Сплит и Дубровник. Големи делови од Далмација и централна Хрватска ќе бидат опфатени со портокалов метеоаларм.

Дополнителен проблем ќе биде недоволното разладување во текот на ноќта. На јадранскиот брег минималните утрински температури се очекува да останат околу или над 25 степени, што значи дека ќе има тропски ноќи без вистинско освежување.

Метеоролозите предупредуваат дека ваквите временски услови би можеле да продолжат во поголемиот дел од првата недела на август.

Топлотниот бран претставува опасност за здравјето

Граѓаните се советуваат да не престојуваат на отворено во најтоплиот дел од денот, особено меѓу 10 и 17 часот.

Најголемо внимание треба да посветат повозрасните лица, хронично болните, децата, трудниците и луѓето кои работат на отворено.

Се препорачува редовно внесување вода, дури и кога нема чувство на жед, избегнување алкохол и тешка храна, како и престој во разладени простории. Физичките активности треба да се одложат за раните утрински или вечерните часови.

Надлежните повторно предупредуваат дека деца, повозрасни лица и домашни миленици никогаш не смеат да бидат оставени во паркирано возило, дури ни накратко.

е-Трн да боцка во твојот инбокс