Циклон за викендот носи силно заладување и поројни дождови

По денешните 34 степени во Скопје и невремето во Полог, метеоролозите најавуваат остар временски пресврт со поројни врнежи од сабота.

Метеоролошката станица во Петровец денеска измери максимални 34,3 степени Целзиусови, но сончевото време набргу ќе му отстапи место на циклон за викендот што носи силно заладување и поројни дождови. Управата за хидрометеоролошки работи најавува дека по локалните попладневни бури во северозападниот дел од земјава, вистинската промена на времето пристигнува во сабота со засилен северен ветер и значителен пад на дневните температури.

Радарските слики попладнево регистрираа силен развој на нестабилна облачност во северозападниот дел од Македонија. Во Полошкиот регион и на планинските масиви наврна пороен дожд проследен со електрични празнења, засилен ветер и изолирана појава на град.

Истовремено, во поголемиот дел од земјата преовладуваше топло време. Зајчев Рид забележа 34,2 степени, во Велес живата во термометарот се искачи до 34, а во Штип беа измерени 33,5 степени.

Утре, четврток, се очекува сличен временски развој: сончево и топло претпладне со мала до умерена облачност и слаб југоисточен ветер. Попладне повторно ќе има услови за изолирана нестабилност со пороен дожд и грмежи, додека во Скопје ќе дува јужен ветер.

Петок ќе биде најтоплиот ден од оваа седмица. Утринските температури ќе се движат од 12 до 19 степени, додека максималните дневни вредности ќе достигнат меѓу 30 и 36 степени, што ќе биде вовед во наглиот пад на температурите.

Од сабота времето потпаѓа под директно влијание на изразена циклонска активност. Во сабота и недела ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повеќе места ќе бидат поројни, пообилни и проследени со грмежи.

Ќе започне да дува засилен ветер од северен правец. Дневните температури во сабота ќе се спуштат во интервал од 27 до 33 степени, додека во недела максималната температура ќе достигне само помеѓу 25 и 30 степени Целзиусови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс