Нелекувана чума денес убива исто толку брзо како во средниот век

Бактеријата Yersinia pestis и денес постои, на Мадагаскар, во Конго, па дури и во САД, а лекарите предупредуваат дека доцна поставената дијагноза останува најголемиот проблем.
Фото: See page for author, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Бактеријата Yersinia pestis годишно зaразува до 3.000 луѓе ширум светот, покажуваат податоците на германскиот Институт „Роберт Кох“. Најпогодени се Демократска Република Конго, Уганда и особено Мадагаскар, каде во 2017 година беше забележана последната голема епидемија. Болеста, позната пред сè од средновековните пандемии, повремено се јавува и во западниот дел на САД. Без лекување, чумата и денес во речиси сите случаи завршува со смрт.

Симптомите на чумата денес личат на обичен грип

Пол Гејлорд првин помислил дека има грип. Два дена претходно го изгребала неговата мачка, која изгледала видливо болна, па добил антибиотици против за тоа. Лековите, сепак, не помогнале, состојбата му се влошила, завршил на интензивна нега и паднал во кома. Не станувало збор ни за грип, ни за инфекција од неговата мачка. Гејлорд, кој живеел во американската држава Орегон, се заразил со чума. Својата приказна ја објавил во 2014 година во британскиот „Гардијан“.

Токму нејасните, невообичаени симптоми, во комбинација со фактот дека болеста денес се јавува ретко, ја прават чумата тешка за препознавање. Смртоносната сила на бактеријата притоа не е намалена.

Три облици на болеста

Чумата ја предизвикува бактеријата Yersinia pestis, која се размножува со голема брзина и оштетува ткива на бројни органи. Најчест облик е бубонската чума, каде бувите служат како преносители: откако ќе заразат глодар, тие можат да ја пренесат бактеријата на човек преку каснување, предизвикувајќи болен оток на лимфните јазли.

Ако бактеријата директно навлезе во крвотокот, се развива септикемиска чума. Кај пловната чума, пак, бактеријата преку капки или аеросол директно навлегува во белите дробови. Само кај овој облик е возможен пренос од човек на човек.

Средновековната пандемија однела десетици милиони животи

Според Институтот „Роберт Кох“, чумата само меѓу 1347 и 1353 година однела околу 25 милиони животи. Тој бран прераснал во пандемија што траела повеќе од 500 години и усмртила околу 60 отсто од европското население.

Бактеријата, сепак, не почнала да ги заразува луѓето во средниот век. Археолозите ја пронашле во скелети стари над 5.500 години. Според неодамна објавена студија, бактеријата била смртоносна за луѓето значително подолго отколку што досега се претпоставувало.

Еден ген ѝ овозможил на бактеријата да се шири преку буви

Фото: Photo by Dr. Marshal Fox, USCDCP on Pixnio

Бен Краузе-Кјора, археолог и биохемичар кој раководи истражувачка група за древна ДНК при Институтот за клиничка молекуларна биологија на Универзитетот во Кил, вели дека прашањето кои фактори на вирулентност се промениле низ времето сè уште не е целосно разјаснето. Според него, на раните облици на бактеријата им недостасувале одредени гени потребни за пренос преку вектори како бувите.

Кон крајот на бронзеното доба, Yersinia pestis го развила таканаречениот ymt-ген, што ѝ овозможило пренос преку буви. Оттогаш следат големи епидемии на чума.

Зошто чумата исчезна од Европа?

Иако средниот век бил обележан со масовни епидемии, чумата исчезнала од Европа по 1945 година, кога последните случаи биле забележани на францускиот остров Корзика. Причината, според молекуларниот биолог Холгер Шолц, кој раководи со Националната конзилијарна лабораторија за Yersinia pestis при Институтот „Роберт Кох“, е тоа што во европските домови по правило не живеат глодари заразени со бактеријата.

Во средниот век, домовите биле населени и со стаорци и со луѓе, идеални услови за буви кои ја пренесувале бактеријата. Според Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), денес меѓу резервоарските животни спаѓаат видови како американскиот грмушест стаорец и одделни глодари од фамилијата верверици, меѓу кои и мрмотот во Монголија. Глодарите во Европа очигледно не претставуваат соодветен резервоар за бактеријата.

Доцна дијагноза чини живот

Дијагнозата останува еден од најголемите проблеми. Шолц раскажува за еден џогер од САД, испратен дома да се опоравува поради симптоми слични на грип. Умрел, бидејќи никој не помислил на чума.

Ефикасни антибиотици постојат, но кај секое избивање, „првите пациенти скоро секогаш умираат затоа што дијагнозата не е поставена навреме“, вели Шолц. На Мадагаскар понекогаш поминуваат и по неколку дена пред лековите да стигнат таму каде што се потребни, а тоа е предолго за преживување на пловната чума, која може да доведе до смрт во рок од 48 часа од појавата на симптомите.

Дали чумата може повторно да предизвика пандемија?

Шолц е уверен дека нова пандемија на чума е малку веројатна, бидејќи болеста не се шири толку лесно како грипот или САРС-ковид-2. Денес постојат и сосема поинакви можности за борба против болеста отколку во средниот век, кога немало ни антибиотици, ни хигиенски стандарди како денешните.

Поинаква би била ситуацијата доколку бактеријата биде генетски модифицирана и употребена како биолошко оружје, област за која е надлежен токму Центарот за биолошки опасности и посебни патогени при Институтот „Роберт Кох“. Преку анализа на геномот, експертите можат да разликуваат соеви и да проценат дали станува збор за природен или модифициран сој. Чумата теоретски може да се внесе повторно во Европа преку патници кои се враќаат од странство, но веројатноста за тоа е „изразито мала“, вели Шолц.

е-Трн да боцка во твојот инбокс