Влезот на Црна Гора во ЕУ ќе биде преседан за идните проширувања, предупредуваат дипломати

Пристапувањето на Црна Гора во ЕУ ќе биде тест за финансирањето на идните проширувања. Економскиот пакет е проценет на 3,2 милијарди евра.

Пристапниот пакет за Црна Гора ќе претставува модел за финансирање на идните проширувања на Европската Унија, што дополнително ги усложнува преговорите за новата долгорочна буџетска рамка на Унијата, објавува „Еуроњуз“.

Европската комисија минатиот месец го претстави финансискиот пакет за пристапување на Црна Гора, која во моментов е најнапредната земја-кандидат во процесот на проширување.

Според проценките, економскиот трошок за влезот на државата со околу 626.000 жители изнесува 3,2 милијарди евра. Од Европската комисија посочуваат дека тоа е помалку од едно евро по даночен обврзник во ЕУ, односно помалку од цената на едно кафе. Иако финансискиот ефект е релативно мал во споредба со долгорочниот буџет на Унијата, кој изнесува речиси два билиони евра, дипломати предупредуваат дека политичкото значење на случајот со Црна Гора е многу поголемо.

„Финансискиот пакет за Црна Гора ќе биде спорен не толку поради износот, колку поради принципот“, изјавил дипломат на ЕУ за „Еуроњуз“, кој сакал да остане анонимен.

По повеќегодишниот застој по приемот на Хрватска во 2013 година, процесот на проширување повторно доби интензитет. Според Европската комисија, во последните шест месеци е постигнат поголем напредок отколку во претходната деценија.

Во исто време, неколку земји-членки бараат реформа на пристапниот процес, вклучително и воведување дополнителни демократски механизми и постепена интеграција за кандидатите, како што е Украина.

Дипломатите оценуваат дека токму Црна Гора станува преседан кој ќе покаже како Европската Унија ќе ги финансира идните проширувања и дали тие ќе се покриваат со прераспределба на постојните средства или преку обезбедување нови извори на финансирање.

Едно од клучните прашања ќе биде и влијанието врз европските кохезиски и земјоделски фондови, околу кои веќе постојат значителни разлики меѓу земјите-членки. Додека државите од јужна и источна Европа бараат повеќе средства за кохезија и земјоделство, северните членки се залагаат за поголеми инвестиции во конкурентноста и одбраната.

е-Трн да боцка во твојот инбокс