Утре, 31 август, понеделник, од 19:00 часот во КСП Центар-Јадро ќе се одржи читачка средба за „The Inner Level“ од Ричард Вилкинсон и Кејт Пикет.
Како економската нееднаквост навлегува во нашиот внатрешен свет? На кој начин разликите во приходите влијаат врз чувството на сопствена вредност, односите со другите и менталната благосостојба?
Во „The Inner Level“, Ричард Вилкинсон и Кејт Пикет покажуваат дека нееднаквоста не се исцрпува со разликите во материјалниот стандард. Таа ја засилува статусната анксиозност, го продлабочува стравот од туѓото вреднување и создава понатпреварувачки и помалку солидарни општества.
Потпирајќи се на истражувања од психологијата, социјалната епидемиологија и економијата, авторите истражуваат како нееднаквоста го менува начинот на кој размислуваме, се чувствуваме и се однесуваме едни кон други. Истовремено, анализираат каков свет станува возможен кога материјалните разлики меѓу луѓето се помали.
Средбата е отворена за сите заинтересирани, без разлика дали книгата сте ја прочитале целосно, делумно или допрва сакате да се вклучите во дискусијата.
Оваа иницијатива се реализира во партнерство со Фондација Фридрих Еберт Скопје · Friedrich-Ebert-Stiftung Skopje