Трката за претседател на Србија добива сè повеќе имиња, откако академикот и професор на Хемискиот факултет Радомир Саичиќ ја потврди кандидатурата со поддршка на студентското движење. Покрај него, учество на претседателските избори најавија и Бранимир Несторовиќ, Боголјуб Кариќ и адвокатот Бранко Павловиќ, додека сè уште се чека одлуката на Српската напредна странка (СНС).
Саичиќ изјави дека ја прифатил кандидатурата затоа што студентите му укажале доверба и дека сака да придонесе за промена на политичкиот систем и односот на власта кон граѓаните.
„Гордеам се што студентите ми укажаа доверба да се кандидирам за претседател на Републиката. Во движењето влегов верувајќи дека промената на власта има смисла само ако се промени системот на вредности, а тоа го опфаќа и односот на власта кон граѓаните“, изјави Саичиќ.
Тој најави дека ќе се залага за суверена Србија во која ќе се почитува Уставот и секој граѓанин ќе може да живее достоинствено.
Несторовиќ очекува втор круг и помала излезност
Кандидатурата уште минатата година ја најавил Бранимир Несторовиќ, претседател на движењето „Ми – Снага на народот“. Во изјава за „Блиц“ тој оцени дека СНС веројатно нема да има официјален кандидат, но би можела неформално да поддржи некого од учесниците во изборната трка. Несторовиќ смета дека претседателските избори нема да предизвикаат толку голем интерес како парламентарните, бидејќи, според него, граѓаните не ги доживуваат како подеднакво пресудни.
Тој очекува помала излезност и верува дека речиси сигурно ќе има втор круг. Како своја цел ја посочи промоцијата на политичките идеи на неговото движење и проверката на поддршката што ја има. Според него, претседателот треба да биде независна личност која ќе ги помирува различните политички групи, а не кандидат на СНС или на студентското движење.
Кариќ ветува економски препород и 300 милијарди евра инвестиции
Кандидатура најави и бизнисменот Боголјуб Кариќ, чиј Покрет снага Србије одлучил да го предложи за претседател на државата. Тој за порталот Н1 изјавил дека верува оти неговото долгогодишно деловно искуство, меѓународните контакти и економската програма можат да придонесат за развојот на Србија.
„Мојата цел не е власт заради власт, туку економски препород на Србија, национално помирување и подобар животен стандард на граѓаните“, изјавил Кариќ.
Како дел од својата визија најавил обид да привлече 300 големи инвеститори, со планирани инвестиции од по една милијарда евра, односно вкупно 300 милијарди евра преку долгорочна развојна програма. Најавил и поврзување со 10.000 американски инвеститори со српско потекло, кои би можеле да основаат заеднички компании и фабрики со домашни бизнисмени.
Кариќ ја поздравил и одлуката на студентското движење да го кандидира Саичиќ, посакувајќи му успешна кампања.
Павловиќ бара поддршка за собирање потписи
И адвокатот Бранко Павловиќ официјално најавил дека ќе се кандидира. Во гостување на телевизијата „Блиц“ изјавил дека веќе има двајца кандидати од две различни граѓански групи – тој и Саичиќ. Преку видеообраќање на Фејсбук ги повикал граѓаните да му помогнат во собирањето потписи за кандидатурата.
Павловиќ најавил дека сака да ги обедини патриотските сили, вклучително и гласачите на студентското движење, СНС и Социјалистичката партија на Србија (СПС). Несторовиќ, пак, го споменал Павловиќ како можен кандидат кој би можел да добие неформална поддршка од СНС, но тоа засега е само негова процена, а не потврдена одлука на партијата.
Вучиќ: Одлуката на СНС ќе биде објавена пред 6 декември
Српската напредна странка сè уште не соопштила дали ќе учествува на претседателските избори и дали ќе поддржи сопствен кандидат. Александар Вучиќ изјавил дека одлуката ќе биде донесена пред 6 декември, кога истекува рокот за поднесување кандидатури. Најавил дека партиското претседателство и Главниот одбор ќе одржат состаноци на почетокот на декември.
Тој рекол дека, доколку од него зависи, нема да учествува на изборите, оценувајќи дека не постојат фер услови за изборен натпревар. Претходно, Ана Брнабиќ најавила дека за прашањето ќе се разговара и на партиското собрание на 13 декември, но Вучиќ посочил дека одлуката за учество или неучество ќе биде соопштена порано.
СПС сè уште без одлука, Ружиќ нема да се кандидира
Поранешниот висок функционер на СПС, Бранко Ружиќ, кој најави формирање на сопствената партија „Црвена линија“, изјавил дека нема да се кандидира за претседател. Тој најавил дека неговото политичко движење ќе одлучи дали ќе поддржи некој од кандидатите откако ќе стане јасно кој ќе учествува во изборната трка и каква политика ќе застапува.
СПС, која до неодамна беше во коалиција со СНС, на претходните два претседателски изборни циклуса немаше сопствен кандидат, туку го поддржа Александар Вучиќ. Засега не е познато дали и овојпат ќе постапи исто. Во меѓувреме, Главниот одбор на Српското движење Двери едногласно одлучил да му даде поддршка на Радомир Саичиќ и ги повикал своите членови и симпатизери да гласаат за кандидатот предложен од студентите.
Претседателската трка во Србија така добива сè појасни контури, но останува отворено прашањето дали СНС ќе настапи со сопствен кандидат или ќе поддржи некого од веќе најавените кандидати.
