Четботот на Google, Bard стана достапен и во Северна Македонија

Bard, четботот базиран на вештачка интелигенција на Google од денес е достапен за користење во Европа и Бразил. Тоа значи дека и корисниците од Северна Македонија од денес може да пристапат на алатаката базирана на вештачка интелигенција на Google, која е директна конкуренција на Chat GPT на OpenAI и Microsoft.

Ова е прво поголемо проширување на државите во кои Google Bard може да се користи, од неговото лансирање во САД и Велика Британија во март оваа година. Лансирањето на Бард во ЕУ беше одложено откако главниот регулатор за податоци во Унијата изрази загриженост за приватноста.

Ирската комисија за заштита на податоците соопшти дека технолошкиот гигант не доставил доволно информации за тоа како неговата генеративна алатка за вештачка интелигенција ја штити приватноста на Европејците за да го оправда лансирањето на ЕУ.

Од Alphabet, корпорацијата сопственик на Google, соопштија дека се сретнале со европските регулатори и дека ги расчистиле сите прашања поврзани со приватноста, транспарентноста, изборот и контролата. Тие соопштија дека корисниците може да изберат да не ги споделуваат своите податоци со Google.

Освен лансирањето во Европа и Бразил, Google додаде и нови можности на Bard, кои може да се користат секаде каде што тој е достапен. Сега алатката со вештачка интелигенција на Google, освен што може да дава писмени одговори, може и да зборува, односно да ги чита одговорите.

Со Bard може да се комуницира на 40 јазици, а можноста четботот да ги чита одговорите, според компанијата, ќе придонесе за поинаков пристап на корисниците кон барањата, но и поинакво оценување на добиените одговори од вештачката интелигенција.

Корисниците исто така ќе може да бираат какви да бидат одговорите на Bard, односно дали сакаат кратки одговори, долги, едноставни, професионални или разговорни. Покрај барањето со текст, сега ќе може и да додавате фотографии во Google Bard.

е-Трн да боцка во твојот инбокс