Јирген Клоп и официјално беше претставен како нов селектор на германската фудбалска репрезентација, со која потпиша договор до 2030 година. На првата прес-конференција постави јасни правила за соработка со медиумите и порача дека постојат граници кои никој не смее да ги премине.
„Ако го допрете моето семејство – си одам“
Иако има четиригодишен договор, 59-годишниот стратег истакна дека без двоумење ќе ја напушти функцијата доколку се наруши професионалниот однос.
„Денот кога повеќе нема да ме сакате, само кажете ми и ќе си заминам. Без никаква отштета. Ако утре кажете дека сум неспособен – ќе си одам. Ако Германскиот фудбалски сојуз каже дека не сум добар – ќе си одам. Но, ако ја преминете границата и не го оставите моето семејство на мир, веднаш заминувам“, изјави Клоп.
Ги спомена Нагелсман и Тухел
Клоп се осврна и на начинот на кој медиумите ги третирале неговите претходници – Јулијан Нагелсман во Германија и Томас Тухел во Англија.
„Ја прифатив оваа работа иако гледав што им правевте на Нагелсман и Тухел“, рече тој.
Додаде дека е подготвен да прифати критики кога станува збор за играта и резултатите, но инсистира тие да бидат насочени исклучиво кон фудбалот.
„Критикувајте ме кога нешто нема да функционира. Подготвен сум да работам на тоа. Сè треба да се однесува само на она што се случува на теренот. По оваа работа немам друга тренерска кариера. Во идеален случај, ова е врвот на мојата кариера.“
„Не сме како Франција, но можеме да ја победиме“
Новиот германски селектор зборуваше и за моменталната сила на репрезентацијата.
„Кога се прашуваме дали сме добри како Франција, одговорот е – не. Немаме играчи како Осман Дембеле, Килијан Мбапе, Дезире Дуе или Бредли Баркола. Но тоа не значи дека не можеме да ги победиме.“
Според него, Германија не треба постојано да се споредува со Франција, Шпанија или Аргентина.
„Најважно е да се погледнеме себеси и начинот на кој играме. Во моментов не сме број еден во светот. Пред нас има 11 репрезентации, но мора да создадеме стил на игра со кој ќе можеме да ги победуваме.“
Повик до медиумите
Клоп ги повика медиумите да известуваат одговорно и да не ја жртвуваат точноста за брзина.
„Би било многу важно точноста да биде пред брзината. Новинарите имаат голема улога во создавањето позитивна атмосфера околу репрезентацијата“, порача тој.
Клоп ја презема Германија по отказот на Јулијан Нагелсман, кој беше сменет по разочарувачкиот настап на Светското првенство, каде што германската репрезентација беше елиминирана од Парагвај по изведување пенали во осминафиналето.