Дата центрите стануваат политичка тема: За кого Владата ги гради и кој ќе ги користи?

Изградбата на центри за податоци повторно предизвика политички реакции откако Советот на Општина Пехчево ја отфрли иницијативата за почеток на постапка за изградба на таков објект. Владата, пак, тврди дека националниот дата центар е стратешка инфраструктура за државата, граѓаните и стопанството и дека нема да има компромис со животната средина.

Центрите за податоци повторно се најдоа во центарот на политичките препукувања, откако советниците во Општина Пехчево не ја поддржаа иницијативата на нивна територија да започне постапка за изградба на ваков објект. Одлуката дополнително ја отвори дилемата кому всушност му се потребни ваквите центри и каква корист би имале државата, граѓаните и компаниите од нивната изградба. 

Владата не се откажува од планот за развој на дата центри и национална дигитална инфраструктура. Премиерот Христијан Мицкоски порача дека земјата мора да го искористи моментот за развој на високите технологии, додека Министерството за дигитална трансформација најавува нови инвестиции во дигиталниот сектор. 

Но, за кого би работел националниот дата центар?

Според претходно објавените информации од Владата, Националниот дата центар е замислен како инфраструктура за државните институции, граѓаните и стопанството. Неговата цел е да обезбеди безбедно и енергетски ефикасно чување и обработка на податоци, со поголема контрола на државата врз критичната дигитална инфраструктура. 

Предвидено е државата да користи хибриден и мултиоблак модел. Тоа значи дека најчувствителните и критичните државни податоци би останале во домашна инфраструктура, додека комерцијални облачни услуги од странски провајдери би можеле да се користат во случаи кога тоа е оправдано од технички, финансиски или функционални причини. 

Практично, ваквата инфраструктура би требало да им овозможи на институциите поголема контрола врз податоците што ги поседуваат и обработуваат. Тоа е особено значајно за системите во кои се чуваат чувствителни информации за граѓаните, државните институции и јавните услуги.

Националниот портал за е услуги, на пример, веќе поврзува повеќе државни системи и содржи податоци за граѓани, компании и јавни услуги. Централниот регистар на население е една од клучните компоненти на оваа инфраструктура и содржи основни податоци за граѓаните. 

Покрај државните институции, Владата центарот го гледа и како дел од поширокиот развој на дигиталната економија. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави нови инвестиции во високите технологии и порача дека развојот на дигиталниот сектор не треба да значи компромис со животната средина, воздухот и водата. 

Токму прашањето за животната средина е една од главните точки на спорот околу изградбата на дата центрите. Овие објекти бараат големи количества електрична енергија и стабилно снабдување, поради што нивното планирање е поврзано и со прашањата за енергетската инфраструктура. 

Од Владата велат дека физибилити студијата за Националниот дата центар ги анализира техничката, финансиската, енергетската и организациската изводливост, како и можните локации, моделите на финансирање и управување и потребната инфраструктура. 

Во меѓувреме, политичката дебата продолжува. Опозицијата и дел од локалните власти поставуваат прашања за тоа кој ќе ги користи објектите, кој ќе има корист од инвестициите и како ќе се заштитат природните ресурси, додека Владата изградбата ја претставува како можност земјата да привлече нови инвестиции и да стане дел од поширокиот технолошки развој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс