Цените на нафтата и гасот се во пад откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека договорот со Иран за смирување на кризата и повторно отворање на Ормускиот теснец е „во голема мера испреговаран“. Пазарите веднаш реагираа: „Брент“ нафтата падна под 100 долари за барел, а инвеститорите почнаа да калкулираат со можност за намалување на геополитичкиот ризик што со недели ги туркаше цените нагоре.
Според берзанските податоци, цената на „Брент“ утрово се спуштила на околу 98 долари за барел, откако претходно тргувањето завршило на ниво од околу 103 долари. Тоа претставува пад од околу пет отсто. Намалување има и кај американската WTI нафта, која исто така ослабе по сигналите дека разговорите околу Иран би можеле да донесат политички расплет.
Пад е забележан и кај природниот гас. На холандската TTF берза цената се намалила од 48,6 на 46,3 евра за мегават-час. Иако Трамп по првичната објава дополнително изјави дека САД нема да брзаат со потпишување на договорот, пазарите засега останаа во зоната на оптимизам.
Ормускиот теснец повторно ја диктира цената
Причината за нервозата на пазарите е јасна. Ормускиот теснец е еден од најважните енергетски коридори во светот, низ кој минува значаен дел од глобалната трговија со нафта. Секое затворање, блокада или воена закана во тој регион веднаш се претвора во повисоки цени на суровата нафта, повисоки транспортни трошоци и нов притисок врз горивата.
Затоа и најавата за можен договор меѓу САД и Иран беше доволна за да ги „олади“ цените. Но, засега станува збор за политички сигнал, не за завршен договор. Конечните детали, според најавите, допрва треба да бидат објавени, а секое ново затегнување меѓу Вашингтон и Техеран може повторно да ја врати нафтата на повисоки нивоа.
Добра вест за берзите, но не веднаш и за возачите
Падот на цените на светските берзи е добра вест за енергетските пазари, но тоа не значи дека граѓаните веднаш ќе видат поевтини горива на бензинските пумпи. Домашните цени зависат од повеќе фактори: движењето на нафтата на меѓународните пазари, курсот на доларот, акцизите, ДДВ, транспортните и набавните трошоци, како и методологијата на Регулаторната комисија за енергетика.
Со други зборови, нафтата може да падне денес, но цената на горивата кај нас не мора автоматски да се намали утре. Ако падот продолжи и ако се стабилизира снабдувањето, тогаш може да се отвори простор за пониски цени. Но ако договорот со Иран заглави или кризата околу Ормус повторно се вжешти, пазарите многу брзо можат да ја сменат насоката.
За сега, берзите здивнаа. Прашањето е дали и граѓаните ќе здивнат, или поевтинувањето ќе остане само бројка на светските графикони.