Македонски претприемачи и креативци наградени на „Business Beat 2026“ во Црна Гора

На регионалниот бизнис-настан „Business Beat 2026“ во Црна Гора, четворица млади претприемачи и креативци од Македонија добија признанија за иновации, медиумско влијание, мода и регионална соработка. Настанот во Луштица собра повеќе од 150 учесници од Западен Балкан и потврди дека младите од регионот сè повеќе градат заедничка бизнис-заедница преку партнерства, идеи и нови можности.

Во уникатниот амбиент на Луштица во Црна Гора, изминатиот викенд се одржа регионалниот бизнис experience настан „Business Beat 2026“, кој обедини повеќе од 150 млади претприемачи, стартап основачи, инвеститори, креативци и претставници на бизнис-заедницата од Западен Балкан.

Настанот беше организиран од Унија на млади претприемачи Црна Гора и Бизнис Инфо Центар Тиват, како дел од пошироката регионална соработка меѓу младите претприемачи од Македонија, Црна Гора и Србија, која веќе четири години создава простор за вмрежување, соработка и заеднички развој.

Според организаторите, во изминатите години преку регионалните иницијативи биле поврзани повеќе од 1.000 млади претприемачи од регионот, а реализирани се над 600 конкретни бизнис-соработки и партнерства.

„Business Beat 2026“ понуди динамична програма што вклучуваше конференциски сесии, networking настани, гала вечер со доделување награди, како и неформални средби и активности насочени кон создавање нови регионални можности.

Во рамки на настанот беа доделени регионални признанија за млади луѓе кои оставаат значително влијание во своите области, а меѓу добитниците се најдоа и четворица претставници од Македонија.

Кристијан Стефановски ја доби наградата „Food Innovation Award“ за развојот на брендот Scoop Artisan Gelato и иновативниот пристап во дистрибуцијата и амбалажата на производите.

Теа Трајковска беше наградена со „Media Influence Award“ за влијанието во медиумскиот простор и комуникацијата со младата публика.

Наградата „Runway Impact Award“ ѝ припадна на Марија Десанова за креативниот моден пристап преку брендот Minnimal.

Регионално признание доби и Ивона Трајановска, која беше наградена со „Regional Impact Award“ за придонесот во поврзувањето на младите претприемачи од Западен Балкан преку Здружение на млади претприемачи Феникс Рајзинг.

Трајановска порача дека токму преку регионалната соработка, довербата и заедничката поддршка се создаваат најголемите можности за младите претприемачи во регионот.

Настанот уште еднаш покажа дека новата генерација претприемачи од Балканот не се фокусира само на индивидуален успех, туку гради вистинска регионална заедница базирана на соработка, поврзување и заеднички раст.

е-Трн да боцка во твојот инбокс