Бугарската фондација се откажа од блокадата на границите со Македонија по реакција на Софија

Фондацијата „Македонија“ ја откажа најавената блокада на трите гранични премини кон Македонија откако бугарските власти оценија дека протестот би бил контрапродуктивен и би создал дополнителни тензии.

Најавената блокада на граничните премини меѓу Бугарија и Македонија нема да се одржи, откако организаторите од фондацијата „Македонија“ ја повлекоа одлуката по разговори со бугарските институции. Протестот беше планиран за недела и требаше два часа да ги блокира премините Деве Баир, Делчево и Ново Село. Сепак, бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова оцени дека таквата акција би била контрапродуктивна, по што организаторите се откажаа од најавата.

Претседателот на фондацијата „Македонија“, Виктор Стојанов, соопшти дека одлуката е донесена по консултации со претставници на бугарското Министерство за надворешни работи и со бугарскиот амбасадор во Скопје, Жељазко Радуков. Според Стојанов, проценките на институциите биле дека блокирањето на границите во овој момент може да создаде дополнителни тензии и да ангажира значителни полициски и административни ресурси, без да придонесе за решавање на проблемите.

Од фондацијата наведуваат дека во бугарското општество постои силно незадоволство и јавна реакција по последните случувања, но сметаат дека таа енергија треба да се насочи кон други, поконструктивни форми на дејствување. Претходно и бугарскиот амбасадор во Скопје, Жељазко Радуков, апелираше да не се блокираат граничните премини. Тој порача дека интересот на Бугарија е да остане отворена кон своите соседи и да ги поттикнува културните и семејните врски меѓу луѓето од двете страни на границата.

„Најдобриот одговор на омразата се контактите меѓу луѓето и запознавањето со современата бугарска култура“, истакна Радуков во објава на социјалните мрежи.

Најавите за протестите дојдоа по инцидентот во кој беа запалени два автомобили поврзани со бугарската амбасада во Скопје, што предизвика реакции и во Софија и во македонската јавност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс