Бугарија и уште седум земји од ЕУ го блокираат отворањето на Кластер 3 за Србија

Бугарија и уште седум земји-членки на ЕУ се противат на отворањето на Кластер 3 во преговорите со Србија. Спорни остануваат владеењето на правото и односот кон санкциите против Русија.

Србија не доби поддршка за отворање на Кластер 3 во пристапните преговори со Европската Унија, откако осум земји-членки се изјаснија против овој чекор. На состанокот на амбасадорите на земјите-членки во Брисел, познат како Корепер, против отворањето на групата која ги опфаќа конкурентноста и инклузивниот раст се изјаснија Холандија, Шведска, Финска, Белгија, Естонија, Литванија, Бугарија и Хрватска.

За одлуката да биде донесено зелено светло потребна е едногласна согласност од сите 27 членки на ЕУ.

Неколку земји, меѓу кои Данска, Луксембург и Латвија, не изразија директно противење, но сè уште имаат резерви. Франција останува меѓу најгласните поддржувачи на напредокот на Србија во европската интеграција. Европската комисија претходно достави документ до земјите-членки во кој оценува дека последните чекори на српските власти создаваат услови за отворање на Кластер 3.

Според Комисијата, Србија направила напредок во неколку области – повлекување на спорните измени на законите поврзани со судството, подобрување на изборната рамка, слободата на медиумите и соработката со ЕУ во надворешната и безбедносната политика.

Сепак, една од главните забелешки останува тоа што Белград не ја усогласи својата политика со санкциите на ЕУ кон Русија поради војната во Украина. Европската комисија наведува дека Србија презела чекори за спречување на заобиколување на санкциите, како и дека обезбедила поддршка за Украина и ги засилила контактите со Киев.

Дипломати од ЕУ за „Еуроњуз“ оценуваат дека противењето на осумте земји главно се должи на загриженоста околу владеењето на правото во Србија и нејзината позиција кон Русија. Од друга страна, поддржувачите на отворањето на Кластерот 3 сметаат дека Белград ги исполнил условите или е блиску до исполнување на критериумите.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос неодамна изјави дека Европската комисија ја обновила препораката за отворање на Кластер 3 со Србија поради „позитивните случувања“. „Комисијата ќе продолжи да го охрабрува понатамошниот напредок во реформите во интерес на сите граѓани на Србија“, порача Кос.

Одлуката за Кластер 3 останува уште еден тест за европскиот пат на Србија, кој и понатаму зависи од напредокот во реформите, владеењето на правото и усогласувањето со заедничката надворешна политика на ЕУ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс