Во Индија, бубашвабата неочекувано стана симбол на младите на социјалните мрежи и дел од интернет-политиката. Сè започнало по контроверзната изјава на претседателот на Врховниот суд, Сурија Кант, кој наводно ги споредил невработените млади што се занимаваат со новинарство и активизам со „бубашваби и паразити“. Подоцна појаснил дека мислел на луѓе со лажни дипломи, но реакциите веќе се прошириле низ интернетот.
Изјавата предизвикала лавина од шеги, критики и сатирични објави, а набрзо се појавило и виртуелното движење „Партија на народот бубашваби“. Иако не станува збор за вистинска политичка партија, движењето брзо добило огромна популарност меѓу младите Индијци, особено преку хаштагот „#MainBhiCockroach“ или „И јас сум бубашваба“.
Идејата ја започнал Абхиџит Дипке, експерт за политички комуникации и студент во Бостон, кој претходно работел со индиската партија Аам Адми. За само неколку дена, илјадници млади се приклучиле на иницијативата преку онлајн формулари и социјалните мрежи.
Движењето не останало само на интернет. Волонтери облечени како бубашваби почнале да се појавуваат на протести и акции за чистење, додека нивниот Инстаграм профил достигнал повеќе од 10 милиони следбеници, надминувајќи ја и официјалната страница на владејачката партија БЈП.
Критичарите тврдат дека станува збор за добро организирана дигитална кампања поврзана со опозицијата, но за многу млади Индијци ова движење претставува израз на разочараност од политиката и чувството дека нивниот глас ретко се слуша.
Индија има една од најмладите популации во светот, а повеќе од половина од населението е помладо од 30 години. Сепак, истражувањата покажуваат дека голем дел од младите избегнуваат активно политичко учество и не се чувствуваат претставени во политичкиот систем.