Редовната физичка активност е еден од факторите врз кои можеме да влијаеме кога станува збор за контролата на високиот крвен притисок. Брзото одење и трчањето се меѓу наједноставните начини за зголемување на физичката активност, но прашањето е која од двете активности има поголем ефект.
Според лекарите цитирани во анализата, и двете активности можат значително да придонесат за подобрување на крвниот притисок, но трчањето кај некои луѓе може да донесе нешто поголемо намалување.
Брзото одење е одличен почеток
Брзото одење од 20 до 40 минути, три до пет пати неделно, може да помогне во подобрување на кардиоваскуларното здравје и контролата на крвниот притисок.
Една метаанализа покажала дека одењето во просек го намалува систолниот притисок за околу 4 ммХг, а дијастолниот за околу 2 ммХг. Редовното одење може да помогне и во намалување на стресот и подобрување на функцијата на крвните садови.
Токму поради тоа, брзото одење често е попристапна опција за луѓето кои не се физички активни или допрва започнуваат со вежбање.
Трчањето може да има уште поголем ефект
И трчањето може значително да го намали крвниот притисок, особено кај луѓето кои веќе имаат хипертензија.
Според податоците наведени во анализата, трчањето го намалува систолниот притисок во просек за 4,2 ммХг, а дијастолниот за 2,7 ммХг. Кај лицата со хипертензија намалувањето било уште поизразено, со просечен пад од 5,6 ммХг на систолниот и 5,2 ммХг на дијастолниот притисок.
Интересно е што умереното трчање се покажало поефикасно од вежбањето со многу висок интензитет за намалување на притисокот кај лицата со хипертензија.
Значи, кое е подобро?
Иако трчањето може да донесе нешто поголемо намалување на крвниот притисок, лекарите нагласуваат дека нема јасен победник.
Најдобрата физичка активност е онаа што човек може да ја практикува редовно. Трчањето бара поголема издржливост и напор, додека брзото одење е полесно за започнување и може да биде одлична долгорочна навика.
Општата препорака е најмалку 150 минути физичка активност со умерен интензитет неделно, како брзо одење, или 75 минути активност со повисок интензитет, како побрзо трчање. Во неделната рутина се препорачуваат и најмалку два дена вежби за сила.
За луѓето кои долго време биле физички неактивни, не се препорачува веднаш да започнат со интензивно трчање. Интензитетот треба постепено да се зголемува.
Ако при вежбање се појават болка или притисок во градите, вртоглавица, несвестица, забрзано или неправилно чукање на срцето или необична отежнатост при дишењето, вежбањето треба да се прекине и да се побара медицинска помош.