Македонската филмска продукција повторно привлече внимание на Сараевскиот филмски фестивал, каде два проекти во продукција на „Сестри и брат Митевски“ годинава добија значајно место.
Филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума се најде во официјалната натпреварувачка програма и се бори за „Срцето на Сараево“ за најдобар игран филм.

Станува збор за втор долгометражен филм на Дума, продуциран од Лабина Митевска и реализиран со поддршка на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. Филмот е меѓу деветте играни остварувања што се натпреваруваат за престижната фестивалска награда.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ има посебна историја со Сараево. Во 2022 година, додека проектот сè уште бил во развој, на CineLink Co Production Market освоил две награди со вкупна вредност од 20.000 евра.

Четири години подоцна, филмот се врати во Сараево како завршено дело и на фестивалот забележа позитивен прием кај публиката. Во текот на фестивалот се најде и на врвот на рангирањето според гласовите на публиката, додека конечните резултати се очекуваат вечерва.
Филмот ја следи единаесетгодишната Адела, која се обидува да ја заштити својата постара сестра Зара од притисоците што ги носат традицијата и средината во која живеат.
Покрај филмот на Дина Дума, признание во Сараево доби и серијата „Мала Југославија“ на Теона Стругар Митевска и Соња Просенц.

Хорор комедијата ја освои Female Voices CineLink Award, награда за развој во вредност од 20.000 евра, во рамки на CineLink Drama, програмата посветена на развој на телевизиски серии.
Со двете остварувања, „Сестри и брат Митевски“ има силно присуство на годинашниот Сараевски филмски фестивал, со македонски филм во трка за главната фестивалска награда и серија која веќе доби меѓународно признание за својот развоен потенцијал.