Бројот на загинати во разорниот земјотрес во Јапонија се искачи на 13: Стотици илјади луѓе евакуирани, потрагата по исчезнатите продолжува

Спасувачите извлекуваат преживеани од урнатините, додека властите истражуваат дали експлозија на гас го урнала трговскиот центар во Кумамото.

Бројот на загинати во силниот земјотрес со јачина од 7,1 степен според Рихтеровата скала, што вчера го погоди јапонскиот град Кумамото, се искачи на 13, додека спасувачките екипи продолжуваат со трката со времето во потрага по преживеани под урнатините. Јапонскиот премиер Санае Такаичи изјави дека сè уште има луѓе кои чекаат да бидат спасени и најави дека државата ќе ги мобилизира сите расположливи ресурси.

„Сè уште има луѓе што чекаат да бидат спасени и ова е трка со времето. Ќе ги искористиме сите расположиви ресурси на терен за да спасиме и извлечеме што е можно повеќе луѓе“, изјави Такаичи.

Земјотресот предизвика прекини во снабдувањето со електрична енергија во илјадници домови и сериозно ја оштети патната инфраструктура во регионот. Во раните утрински часови спасувачите успеале да извлечат осум лица од урнатините на делумно срушен трговски центар.

Според првичните информации, две млади жени загинале кога околу еден час по земјотресот силна експлозија урнала дел од трговскиот центар. Локалните власти истражуваат дали причината била истекување на гас. Во меѓувреме, спасувачките служби, полицијата и јапонската војска ги пребаруваат најкритичните делови од објектот, каде што се регистрирани повици за помош. Според јавниот сервис НХК, меѓу 20 и 30 вработени во трговскиот центар сè уште се водат како исчезнати.

Дополнително, седум лица се исчезнати по уривање на оџак во фабриката „Нипон пејпер индастрис“, а четири лица се здобиле со тешки повреди. Болниците во регионот примаат десетици повредени.

Поради опасноста од нови потреси и оштетени објекти, властите наредија евакуација на околу 260.000 жители, кои се сместени во привремени засолништа. Спасувачките операции продолжуваат, додека властите предупредуваат дека конечниот биланс на жртви и штети сè уште не е познат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс